Skip to content

Како да ги запреме негативните мисли?

Денеска ќе зборуваме за еден навистина едноставен трик за тоа како да ги запреме негативните мисли. Оваа практика е најдобро применлива за запирање на тврдоглавите, непопустливи мисли што ни доаѓаат во моменти на ранливост и слабост. Таквите мисли, се чини, ни доаѓаат со сета своја сила, без разлика колку сме работеле на себеси. Без разлика колку сме вложиле во исцелувањето, сепак доаѓаат во таквите моменти.

Таквите мисли нѐ напаѓаат со сета сила. На пример, може да си речеме дека го немаме она што ни треба, дека нема да ни се исполнат соништата. Или, пак, дека сме губитници, дека никој не нѐ сака и сл. Денеска ќе научиме како да им го „покажеме местото“ на тие мисли.

Некои од нас поминале низ терапија, низ коучинг, низ групи, низ програми и курсеви. Накусо, сме си ја завршиле работата, сме поминале низ процесот на исцелување, но понекогаш тие мисли ни доаѓаат. Понекогаш не е лесно да се ослободиме од мислите што ќе ни „се закачат“ како гремлини. Го уништуваат нашето расположение, или ако сме веќе нерасположени, нѐ „дотепуваат“. Нѐ напаѓаат како од никаде.

Постојат повеќе техники

Постојат повеќе начини за справување со таквите мисли. Пред сѐ, тука се вештините стекнати од когнитивно-бихевиоралната терапија, свесното сосредоточување. Не помалку важни се и техниките што нѐ учат како да станеме пољубопитни за туѓите мисли, да ги предизвикаме своите мисли. Овие техники се одлични. Сепак, некои здодевни, упорни и непопустливи мисли понекогаш нѐ напаѓаат. И тоа без разлика колку ги предизвикуваме или се дистанцираме од нив. Без разлика на тоа колку го менуваме погледот кон нив, продолжуваат да се појавуваат.

Што е првото што можеме да го преземеме?

Постои една многу едноставна вештина. Кога ќе ви дојде таква мисла, запрашајте се: Дали оваа мисла е корисна или не? Дали е здрава или нездрава? Дали ни служи за нешто или не?  Дали ни помага или не? И ако не е корисна, ако не ни служи за ништо, ако е нездрава и не ни е од помош, треба да ѝ погледнеме во очи и да ѝ кажеме „чао“. Или на пример, губи се, не си добредојдена, не си ми од помош, така што немам намера да те забавувам, ќе те игнорирам.

Кога имаме негативна мисла и ѝ обрнуваме големо внимание, почнуваме да бараме секакви докази за да потврдиме дека таа мисла е во право. Значи, ако се чувствуваме за никаде, ако мислиме дека не нѐ бива, тргнуваме по докази што ќе го потврдат тоа. Тоа се однесува на секоја изолирана ситуација во нашите животи што ни порачува дека не сме доволно добри, дека сме за никаде. И кога ќе се „закачиме“ за сите тие собрани „докази“, си велиме: ете, во право сум, односно дека негативните мисли се точни.

Ова се однесува на „мудри“, навистина претерано критички, самопрекорувачки и ужасни мисли за нас, а ние се обидуваме да си докажеме дека е така.

Понекогаш, просто можеме да ги игнорираме. Блокирајте ги, не обрнувајте им внимание. Кажете си: „Таа мисла не го заслужува моето внимание. Таа мисла не заслужува ни уште една секунда од моето време.

Понекогаш мораме да ги истражуваме таквите мисли, на пример, ако мислиме дека ни се од помош. Понекогаш мораме да навлеземе во нивната суштина. Понекогаш мораме да погледнеме во нив, понекогаш мораме да ги предизвикаме. Но, понекогаш мораме да ги запреме и игнорираме, особено кога не ни се од помош, или се непродуктивни и некорисни.

Што се случува кога не ги запираме?

Кога им се подаваме на таквите мисли, си создаваме „бразди“ во мозокот. Тие бразди овозможуваат полесен доток на негативни мисли.

На тој начин, си го програмираме умот, создавајќи патишта, кои се попристапни кога се чувствуваме ранливо или потиштено. И кога е така, ни доаѓаат тие лепливи „гремлини“ од мисли. Ако им се предадеме, ако се впуштиме во спор со нив, тогаш ги зацврстуваме тие нервни патишта. На тој начин, им помагаме полесно да дојдат до нас. Тоа е нешто како навика. Таа навика самите си ја создаваме, постојано одејќи кај лошата мисла.

Немојте да одите кај неа! Дозволете ѝ да се појави, бидејќи ќе се појави, тоа не можеме да го контролираме. Не можеме да го спречиме тоа. Затоа можеме да избереме што ќе правиме кога ќе се појави. Понекогаш мораме само да кажеме: Стоп! Чао! Губи се! Не си добредојдена! Не си корисна! Не си ми од помош! Непродуктивна си! Не ми служиш за ништо!

Само не обрнувајте ѝ внимание и продолжете си. Не мораме да жалиме за тоа, дури и не мораме да зборуваме за тоа. Всушност понекогаш мораме, но понекогаш само мораме да ја запреме и игнорираме. Што помалку ѝ се предаваме, што помалку внимание ѝ обрнуваме, толку послаба станува. Така и се намалува веројатноста нашиот ум да оди кај таа мисла, кога сме ранливи, потиштени, нервозни. Колку помалку пристап имаме до неа, толку помалку ѝ се предаваме.

Така негативната мисла станува сѐ послаба и сѐ помалку пристапна. Многу, многу поретко се појавува кога не ѝ обрнуваме внимание. Од нас зависи!

Според Џулија Кристина, лиценцирана клиничка терапевтка, магистер по советувачка психологија, од Ванкувер, Канада. Ова  и многуте други нејзини полезни видеа може да ги најдете на нејзиниот канал на Јутуб.

Превел од англиски: Симеон Јанков

Напишете коментар