Skip to content

Рецензија на „Сè она што никогаш не можев да ти го кажам“ од Анастасија Лефкоска

Првенчето на Анастасија со наслов „Сè она што никогаш не можев да ти го кажам“ е успешен дебитантски творечки обид во македонската домашна книжевна сцена. Младата авторка пишува за најдлабоките и интимни чувства на две заљубени срца, продирајќи во нивните најдлабоки одаи на душите.

Не многу обемно дело по страници, но сосема доволно за да се задржи вниманието на читателот, раскажувајќи ги главните сцени од животите на двајцата протагносити, кажано е сè што треба да се каже. Дејствието е сместено на повеќе локации, сите поврзани со главните јунаци на кои не им знаеме име. Можат да се именуваат по сосптвена желба, во зависност кого го пронаоѓаме во самите ликови.

Која е приказната?

Романот има доволно поглавја за да се задоволи љубопитната читателска жед. Скоцкан со сите потребни делови и елементи кои го прават една целина. Приказната е раскажувана напоредно од двајцата протагонисти чиишто мисли изгледаат како да се пишувани во два посебни дневници. Меѓутоа спојувајќи ги настаните, читајќи ги одделно пак создаваат една целина која временски и просторно се поклопува со раскажаните дејствија.

Кратката романтична љубовна драма. раскажувана во прво лице само ја потврдува зрелоста на оваа авторка која се обидела да ја прикаже болната и темна страна на љубовните чувства. Недостигот, премолчаните зборови кои не биле кажани, “раните“ или лузните на душата што тие ги оставаат, стравот од напуштање, чувството да се биде напуштен, траумите од минатото, физичкото малтретирање и семејната трагедија се главните елементи со кои се плете приказната на јунаците.

Главната тема во романот

Љубовта како главна тема во оваа љубовна драма која на моменти наликува на извадок од некој љубовен филм е движечка сила која ги насочува двајцата главни актери во нивните постапки. Едниот лик прави сè во името на љубовта, додека другиот на моменти изгледа дека се плаши да биде сакан. Драматични моменти со солзи, кршење на стакла, преврзани рани, дури и крими елементи се проткаени во ова книжевно патешествие.

Сето ова му е дадено на читателот, Лефкоска се потрудила со концизен, но едноставен стил да ја приближи приказната до секој читател што ќе дојде во допир со ова нејзино дело. Подеднакво занимливо четиво и за тинејџерска, но и за повозрасната публика која сака да се потсети на својата прва љубов. Или пак на љубовните дрмања од младоста, кои се оживуваат во голема мера и се појавуваат како секвенци од сцени прикажани на големото филмско платно.

Пред да го дознае расплетот на оваа романтична драма, оној што ќе сака да дознае „што е она што не било никогаш кажано“ ќе патува низ драматични, на моменти напнати и полни со емоции поглавја. Истите ќе го натераат да сака да го знае исходот, а нема да доволи да ја испушти книгата додека не го добие одговорот.

Ликовите се создадени еден за друг и не може, а да не се посака да се случи епилогот кој младата авторка убаво го срочила на последните страници. За оние што веруваат во силата на љубовта и нејзината судбинска моќ не може да се замисли подобар крај, а скептициите можат да помислат дека е претерано идеализирано.

Која страна и да се заземе после прочитувањето, во никој случај нема да може да се остане рамнодушен на одлично раскажаните животни патувања.

Напишете коментар