Skip to content

Не прифаќам ништо помалку

Го сакам врвот. Отсекогаш го сакав врвот. Не знам, можеби сум премногу млада, премногу амбициозна, ама не прифаќам ништо помалку од тоа. Можам да се замислам. Да ја вкусам победата во црното вино кога исправена гордо ко воен херој, ќе ги аплаудирам сите оние кои по мене ќе се качуваат. Патот ќе им биде совршено чист, а мене лузните – белези.

Не прифаќам ништо помалку од еднаква љубов, еднакви права – оригинални  приказни кои ќе можам со насмевка да ги раскажам. Не прифаќам ништо помалку од вистинска љубов, сто процентно здравје, добра поезија и империја од нула изградена. Јас на врвот, сите мои со мене, сите туѓи по мене, сите што ме плукаа некаде доле под мене. Не прифаќам ништо помалку од успех, од остварување на соништа, од имагинарни круни, не сакам ни да замислам живот поинаков.

Детето од малата улица со крвави раце од падни – стани стигнато до тронот. Станато инспирација, станато историја која и во сегашно време ќе се раскажува. Од нигде – никаде никнато, на сè и сешто навикнато, роден борец, порасната со „Long Live“ и „The show must go on“. Дете во тело на возрасна со еден заеднички сон.

Не прифаќам ништо помалку од тоа. Не прифаќам краток живот, изгубена младост, не прифаќам мизерија, ради – реда, каша – попара. Не прифаќам стигма и несреќа, мајндсетови од 1415 и застарени традиции што ме учат дека не можам, дека не смеам, дека уствари не сакам или па дека џабе сонувам. Не прифаќам ништо што не ми годи мене и на општото добро и додека гласот не ми зарипне ќе го врескам она зад кое стојам па дури и кога (после 150 години) ќе ме нема, ќе одекнува за сите по мене останати.

Long Live! Дури и во најтешките моменти. The Show must go on дури и кога театарот е запален, а публиката навива за главниот актер да изгори. Long Live сите мои соништа, сите куршуми пукнати во “револуционерските боишта” на младоста. Long Live сите вечери кога мостовите конечно се запалија и душата студена ми ја стоплија.

Не прифаќам живот со блуткав вкус, ја нејќам таа каша што повеќето тука од немајќи храброст ја јадат. Дајте ми ја мене таа каша и бидете сигурни дека ќе ја зачинам, а потоа на сите врвни ресторани ќе ја продадам.

Не прифаќам будност.

Сакам сон.

Сакам до мене “армија”.

Сакам тотална и општа револуција.

Напишете коментар