Skip to content

Разговор со Симона Николова, амбициозна авторка која сака да ги освои читателите од цел свет

  • by

На наше огромно задоволство денес како соговорник во рубриката „Интервју со“ ја имавме младата авторка Симона Николова. Во разговорот имаме можност да ја запознаеме подобро, а кои се нејзиниот лајтмотив и пораката што ја испраќа прочитајте во продолжение!

Најпрво, за читателите на блогот, но и за сите што не те знаат ова е стандард прашање што сакаме да го поставуваме. Која е Симона Николова?

– Симона е 27 годишна девојка, која боледува од Фридрајхова атаксија (ФА), која и покрај сите препреки кои и ги зададе животот успева во насмевка и позитивна мисла да се бори за своите амбиции и соништа.

Од кога се роди желбата за пишување кај тебе?

– Почнав да пишувам кога имав 16 години, тогаш ми се појави идеја во главата за филмско сценарио и имав желба таа идеја да ја споделам со листот. Во тој момент, кога ја почувствував моќта на зборовите, ми се роди љубовта за пишувањето.

Кажи ни накратко за твоите почетоци во полето на пишување, што беше пресудно за да го земеш перото во рака и да речеш: „Од денес јас ќе пишувам?“

– Јас сум голем обожавател на филмовите и сапунските серии (теленовели) кои ме натераа да креирам мои приказни и да ги пренесам на лист.

Се сеќаваш ли на моментот кога ти се склопија коцките за приказната за првата книга? Какво беше чувството?

– Кога станува збор за мојта прва книга, немав ни план ни конкретна идеја, едноставно оставив да ме води моментот. За моја среќа, моментот беше на моја страна, и книгата ми беше доста успешна.

Кажни ни нешто повеќе за твоите досега објавени книги, каков жанр се, каква беше реакцијата на читателите, како може да се стигне до нив?

– Моите книги, коишто досега се две од трилогија, се разликуваат по жанровите. Првата книга е трилер, втората пак, е романса. Додека пак, третата ќе биде комбинација од двата жанра, но и од приказните.

 

На твојата страна на фб видовме дека спремаш триологија. Од каде доби таква идеја?

– Кога ја напишав првата книга немав никаков план за продолжение. Но, кога веќе ја преполовив втората книга, решив да го вметнам ликот на главната хероина од првата книга и да создадам трет дел.

Како дојде до идејата да ги преведеш книгите на англиски јазик? Дали присуството на Амазон ти ги рашири хоризонтите? Желбата да се стигне до поширока публика надвор од границите на нашата земја?

– Идејата да ги преведам на англиски јазик моите книги и да ги објавам на платформата на Амазон ми ја даде мојот долгогодишен пријател од Мексико. Да дадам одговор на преостанатите прашања, нормално дека хоризонтот ми се прошири со самото пристуство на Амазон, но тоа не беше мојата цел во тој момент, единствено што сакав беше моите први дела да ги споделам со моите пријатели во странство.

Како се прифатени книгите кај странските читатели, кои се нивните реакции?

– Тие ги што ги прочитале се задоволни со моите творештва, и тоа ме радува. Но, повеќе ме израдуваа читателите што не ги познавам. Мојата прва книга беше прочитана дури и во Индија и читателот што ја прочита ги сподели своите импресии во порака на мојот личен фејсбук профил.

Креативната страна е секогаш присутна кај уметниците, што е она што тебе те прави креативна во пишувањето, како ја изразуваш својата креативност, каков е твојот литературен печат?

– Креативноста е секогаш присутна кај мене. Од се што ќе слушнам или ќе видам добивам инспирација, и правам сплет од сето тоа. Сакам моите креации да бидат поинакви и единствени, сакам тоа што го пишувам да биде единствено мое, не ми се допаѓа да копирам некој. Секој писател има свој начин на пишување, своја форма и свој стил, а ја имам директен начин на пишување, односно веднаш преминувам на главното. Кај мене е важна приказната а не толку стилот и формата.

Ако би можела со кој писател/ка би поминала час и половина? За што би разговарале, што би го/ја прашал/а?

– Би ми било мило ако споделам од своето време со германскиот писател и новинар Себастијан Фицек, и нормално би разговарале за се околу книгите. Би му побарала совети кои би ми помогнале да се подобрам во моето творење.

Која е најголемата поддршка на Симона?

– Мојата најголема подршка е исто мојот долгогодишен пријател од Мексико. Бидејќи одлично го познавам шпанскиот јазик и имав прилика да напишам краткометражно филмско сценарио на шпански јазик кое тој го прочита и го увиде мојот талент. Од тогаш до ден денес ја имам неговата целосна поддршка и е горд на мене што успеав да се пробијам во светот на писателите, а мене тоа ме мотивира да постигнам уште повеќе.

Дали и на каков начин влијаеше врз тебе целата Ковид-19 состојба? Како се справи со карантинот, кои се позитивните, а кои негативните исходи?

– Поради мојата здравствена состојба, карантинот поради Ковид-19 не ми влијаеше многу. Секој од нас поминавме, а и се уште поминуваме низ многу тежок период, но лично на мене многу ми помогна пишувањето да го пребродам овој период. Во однос на позитивни и негативни исходи, можам да истакнам дека позитивната страна беше и е објавата на моите две книги, а негативната страна е тоа што длабоко во мене се плашам да не ми наштети вирусот на моето кротко здравје.

 

Што значи успехот за тебе? Што значи да се биде успешен во денешно време?

– Сакам да ги освојам читателите од цел свет. Дел од мојот успех ќе биде ако во блиска иднина успеам да заминам во Мексико, желба која ја имам уште од малечка.

Кој е твојот лајтмотив?

– Мојот лајтмотив е огромната љубов на филмовите и сапунските серии (теленовели), и амбицијата за креирање на мој, сопствен филм и сапунска серија.

Што би им порачала на читателите на Крајбрежје?

– Би препорачала едноставно да не престанат да го следат овој блог и да ги читаат вашите објави, со тоа што ќе ги запознаат приказните на сите кои се дел од овој блог.

На Симона ѝ благодариме за одвоеното време, тимот на Крајбрежје ѝ посакува понатамошни успеси на приватно и професионално поле!

Напишете коментар