Skip to content

Задачите на Херакле ( 2 дел) и како ги основал Олимиските игри

Дванаесетте задачи на Херакле или додекатлон (грчки: δωδέκαθλον, dodekathlon) се серија настани што се однесуваат на покајанието на Херакле, најголемиот од сите грчки херои, чие име подоцна било романизирано во Херкулес.

Денес, продолжуваме со вториот дел од вкупно 12 задачи кои ги извршил и ви ги преставуваме следните 4 задачи.

За првиот дел од задачите на Херакле одете на следниот линк Задачите на Херакле (1 дел).

Петтата задача: Аугиевите штали

Херакле ги чисти Аугиевите штали (Мозаик од Хиспанија, 201 г. – 250 г.).

Петтата задача на Херакле била да ги исчисти Аугиевите штали. Оваа должност била со намера да биде и понижувачка и невозможна, бидејќи добитокот бил божествено здрав (бесмртен) и поради тоа произведувал огромно количество измет. Овие штали не биле исчистени повеќе од 30 години, а во нив живееле повеќе од 1000 говеда. Сепак, Херакле успеал преку пренасочување на реките Алфеј и Пинеј да ја измие нечистотијата.

Аугиј бил гневен бидејќи му ветил на Херакле една десетина од својот добиток ако работата ја изврши за еден ден. Тој одбил да го почитува договорот и Херакле го убил откако ги извршил задачите. Херакле му го дал кралството на синот на Аугиј, Филеј, кој бил избркан бидејќи го поддржувал Херакле против својот татко. Според одите на поетот Пиндар, Херакле тогаш ги основал Олимписките игри:

Игрите кои покрај античкиот гроб на Пелопс ги основа моќниот Херакле, после тоа го уби Клеат, божествениот син на Посејдон и исто така го уби Еврит за да може да ја грабне наградата за извршената работа против волјата на тиранот Аугиј

Успехот на неговата задача на крајот бил отфрлен бидејќи брзите води ја завршиле работата со чистењето на шталите и бидејќи на Херакле му било платено. Евристеј, изјавувајќи дека Херакле сѐ уште има преостанатото седум задачи да ги изврши, го пратил Херакле да ги победи Стимфалиските птици.

Шестата задача: Стимфалиските птици

Херакле и Стимфалиските птици (Мозаик од Хиспанија, 201 г. – 250 г.).

Откако ги исчистил Аугиевите штали, Евристеј го испратил Херакле да ги победи Стимфалиските птици, човекојадни птици со клунови од бронза и остри метални пердуви кои можеле да ги исфрлат кон своите жртви; тие му биле посветени на Арес, богот на војната. Покрај тоа, нивниот измет бил многу отровен. Тие дошле од езерото Стимфалија во Аркадија, каде се размножувале брзо и го преземале местото, уништувајќи ги тамошните жетви, овошки и граѓани.

Херакле не можел да оди толку далеку во мочуриштето, бидејќи неговата тежина не би издржала. Атена, забележувајќи ја маката на херојот, му дала тропалка која Хефест ја направил специјално за таа причина. Херакле тропал со неа и ги исплашил птиците во воздухот. Потоа убил многу од нив со своите стрели. Останатите одлетале и никогаш не се вратиле. Аргонаутите подоцна се сретнале со нив.

Седмата задача: Критскиот бик

Херакле во борба со бикот (Бакрорез од Б. Пикарт, 1731 г.).

Свиркајќи весело поради својот досегашен успех, Херакле бил испратен да го зароби бикот како негова седма задача дадена од Евристеј. Тој отпловил до Крит, при што кралот Миној му дал дозвола да го однесе бикот и му понудил помош (која Херакле ја одбил од гордост)  бидејќи опустошувал на Крит корнејќи ги жетвите и рамнејќи ги расадниците. Херакле се прикрадил зад бикот и ги искористил своите раце да го задави (запирајќи пред да го убие), и потоа го истоварил назад во Атина.

Евристеј, кој се скрил во својот питос при првиот поглед на суштеството, сакал да го жртвува бикот на Хера, која го мразела Херакле. Таа го одбила жртвувањето бидејќи ја отсликувала славата на Херакле. Бикот бил пуштен и залутал во Маратон, каде станал познат како Маратонскиот бик Тезеј подоцна го жртвувал бикот на Атена и/или Аполон. Евристеј го испратил Херакле да ги донесе човекојадните кобили на Диомед.

Осмата задача: Кобилите на Диомед

Откако го заробил Критскиот бик, Херакле требало да ги украде кобилите. Во една верзија на приказната, Херакле довел неколку младичи да му помогнат. Тие ги земале кобилите, а Диомед и неговите луѓе ги бркале. Херакле не знаел дека коњите, наречени Подрагос (Брзиот), Лампон (Сјајниот), Ксантос (Рускосиот) и Дејнос (Ужасниот), биле чувани заврзани за бронзени јасли бидејќи биле диви; нивното лудило било припишано на неприродната исхрана со човечко месо. Некои верзии велат дека тие испуштале оган кога дишеле. Тие биле човекојадни и нескротливи, а Херакле го оставил својот омилен придружник Абдер да ги чува додека тој се бори со Диомед, но дознал дека момчето било изедено. Како одмазда, Херакле ги нахранил коњите со телото на Диомед, а потоа ја основал Абдера веднаш до гробот на момчето.

Херакле и Кобилите на Диомед (теракотен релјеф од Јохан Готфрид Шадов, околу 1790 г.).

Во друга верзија, Херакле останал буден за Диомед да не му го пресече грлото ноќта и ги пресекол оковите со кои биле заврзани коњите. Откако ги избркал коњите на висорамнината на полуостровот, брзо ископал бразда низ полуостровот која ја исполнил со вода, правејќи остров. Кога Диомед дошол, Херакле го убил со секира (истата со која ја ископал браздата) и го фрлил телото на коњите за да ги смири. Во двете верзии јадењето ги смирува коњите и Херакле ја искористил можноста да им ги врзи муцките и лесно да ги однесе кај кралот Евристеј, кој ѝ ги посветил коњите на Хера.

Во некои верзии, им било дозволено слободно да скитаат низ Аргос, при што станале трајно мирни, но во други верзии, Евристеј наредил коњите да бидат однесени на Олимп и да му бидат жртвувани на Зевс, но Зевс ги одбил и испратил волци, лавови и мечки да ги убијат. Роџер Ланселин Грин во своите Приказни за грчките херои вели дека нивните потомци биле користени во Тројанската војна. По инцидентот, Евристеј го испратил Херакле да го донесе појасот на Хиполита.

Напишете коментар