Skip to content

Ако еднаш треба да се замине

“Одам да прошетам.” Реков кога те видов како се смееш. Ја зарив раката во градите и го извлеков секој 21 грам. “Еве причувај ми ја душата. Ќе се вратам.” Ти ја тутнав душата во рацете и заминав. Морав со некои мои чудовишта да се изборам.
Триста години, три животи поминаа. Јас не умирав, она што требаше да го предадам тебе ти го предадов одамна. Се вратив, се имаше сменето ама сѐ уште беше ти. Ти го препознав сјајот во очите, музиката во насмевката. На вратот носеше ланче (велеше семејна реликвија) ама јас знаев, внатре ми беше душата. Те чуваше и тука над градите твојата ја прегрнуваше. Пријдов.
“Извини, зафатено ли е?” Ме погледна чудно на неколку секунди (како да се сеќаваше) а потоа одмавна со главата. “Не.”
Почнавме тој ден од почеток или па продолживме.

Како и да е, ова ќе им го кажам на децата кога ќе се заљубат. Да можат да разберат што е вистинско а што не.

На крај едно мало прашање.”Кому би ја оставиле душата на чување ако еднаш, накратко треба да се замине?”

Извадок од “Дневникот на една будала” 

Напишете коментар