Skip to content

Старицата и Божиќ

Речиси деведест годишната старица живееше сама повеќе од триесет години. Сопругот го загуби одамна, уште кога таа и децата беа многу млади. Денес, нејзините деца, беа возрасни луѓе и го славеа Бадник со своите семејства кои ги основаа. Малку ја подзаборавија старицата, но таа секој ден мислеше на нив и на своите внуци, Старицата долго време не беше украсувала за Божиќ, но оваа година одлучи да се врати на старата традиција. Зарем уште долго ѝ остануваше да живее?

Едвај се качи по скалите на таванот и ги симна кутиите во кои ги чуваше божиќните украси. Ги стави во средината на собата и ги нурна дланките во магијата која се криеше меѓу картоните. Едно по едно, од кутијата излегуваа украсни ленти во црвена и жолта боја, новогодишни светулки, шарени лампиони, црвени чорапи. На крај, го извлече лампионот офицер. Нејзниот сопруг беше воен офицер, па самиот лампион ѝ даваше чувство дека и тој е присутен во собата со неа. Старицата ја разграни новогодишната елка. Не беше воопшто бујна. Граннките ѝ беа искубани. Беше ретка, стара ѝ искината, но за старицата не постоеше поубава елка на светот.

Ја стави на вообичаеното место крај прозорецот и почна да ја кити, како што некогаш правеше. Најпрво ги стави ламбичките и проба дали работат. Блеснаа сите до една. Како нејкоја магија да ги одржуваше во живот сите овие години. Потоа ги нареди украсните ленти, па лампионите. Спомените се нижеа еден по еден. Старицата отпатува во времето во кое беше среќна. Дали сè уште постоеа тие времиња или од нив не останал ни траг во ветерот? На крај го стави лампионот офицер. Потоа си свари кафе и седна на фотељата крај каминот. Гледаше во елката, а потоа во пареата која се креваше од филџанот топло кафе. Во пареата успеа да ја пронајде силуетата на својот сопруг. Како и секогаш, тој на себе го носеше офицерскиот капут.

– Спиридоне! – му довикна. Неколку солзи ѝ се стркалаа по образите. Тоа беа последните солзи за Спиридон. Посакуваше да го допре за рака. И одеднаш силуетата на нејзиниот сопруг се претвори во нешто вистинско, нешто што посакуваше да види во сите минати години без него. Одеднаш Спиридон се најде пред старицата и ѝ ја подаде раката. Во ушите на старицата одѕвонуваа убави песни. Нивните омилени. После долго време, старицата пак почна да танцува со свјот сопруг. Сакаше танцот никогаш да не престане. После долгово време беше среќна. Навистина беше среќна.

Утредента беше Божиќ. Децата на старицата, заедно со нејзините внуци пристигнаа во куќата. Тропаа на вратата, го довикуваа името на мајка си, но никој не отвараше. Помислија дека длабоко заспала, па едно од децата извади клуч и ја отклучи бравата. Ја здогледаа старицата како седи во фотељата на каминот, а до неа стоеше полн филџан кафе. На почетокот мислеа дека спие, но старицата беше ладна како мраз. Мртва е, си помислија децата. Она што не знаеа беше тоа дека таа конечно го изигра последниот танц со својот сакан. И беше среќна. Навистина беше среќна.

Лина Димоска

Напишете коментар