Skip to content

Препорака за читање: „Божиќна приказна“ од Чарлс Дикенс

Романот „Божиќна приказна“ – A Christmas Carol првпат е издаден во 1843 година со илустрации. По издавањето, книгата постигнала голем успех продавајќи се во 6.000 примероци уште во првиот викенд. Иако приказната била напишана за Дикенс да добие пари за да го отплати долгот, таа до ден денес остана една од најпопуларните и најдолговечните божиќни приказни. Сигурно сте ја читале или сте ја гледале оваа приказна во некаков облик. Оваа приказна е адаптирана повеќе пати со различни јунаци во главна улога.

Главен лик во приказната е Скруџ. Тој е себичен и скржав старец на кој значајни му се единствено парите. Во толкава мера ги сака парите, што не само што не дава кога се работи за другите, туку и за себе. Тој ги презира сиромашните и потребите и нема чувства за другите луѓе. Не може да разбере зошто луѓето се среќни за Божиќ, особено ако се сиромашни. За него, Божиќ претставува ден заради кој се трошат пари и неумерено се јаде. Во тој празник не гледа ништо добро. Ги мрази смеењето и љубезноста.

За Бадник, кој како секогаш, така и таа година го минува сам во својата ладна соба, во посета му доаѓа духот на неговиот мртов деловен партнер. Тој во задгробниот живот ја плаќа цената за сопствените гревови. Бара помош од Скруџ, за тој да ја избегне таквата судбина. Му кажува дека во посета ќе му дојдат три духови, дух од минатото, дух од сегашноста и дух од иднината.

Трите духови, еден по еден, го водат Скруџ на патување низ вистината со која тој одбива да се соочи. На крајот на патувањето, Скруџ сфаќа дека мора веднаш да се смени за да се искупи за сета злоба која ја нанел минатите години. На крајот испаѓа така. Скруџ, кој го мрази Божиќ, веселбата и радоста, на крајот сфаќа дека и тој е човек кој не се разликува од другите. Сфаќа дека и тој сака да биде сакан и да сака.

Оваа убава божиќна бајка е класик кој нѐ потсетува на вредностите кои некогаш ги забораваме, а се најважни во човечкиот живот. Добрината, љубовта и помагањето на другите го прават нашиот живот побогат и поубав, а тоа е најважно. Дури и по речиси 180 години од објавувањето, оваа книга претставува задолжително четиво за секој.

За најмладите ви ја препорачуваме „24 часа во Еднорозија“ од Јасмина Кантарџиева Димков“.

Напишете коментар