Skip to content

Филхармонија ќе ја испрати оваа година со последниот концерт насловен „Нова Година – нов почеток!“

Со идеја да креира несекојдневен настан кој ќе ги спои традицијата, класиката и џезот, Филхармонија во соработка со Здружението на џез музичари, в четврток на 24 декември, ќе го одржи својот последен годинашен концерт насловен „Нова Година – нов почеток!“. Со оркестарот ќе диригира Џијан Емин.

„Нова Година – нов почеток!“

„Нова Година – нов почеток!“ е насловен последниот концерт на Филхармонија во оваа пандемиска и не многу благо пријатна за творештво и музички исчекори 2020 година. Ова е концерт кој вообичаено и прилега на предновогодишната атмосфера. И настан кој без особени високи претензии вообичаено има за цел да креира убава и весела расположба кај широката публика.

Од таму, не случајно во ова пригода зад него со својата мобилност застана и Здружението на џез музичари на Македонија, кому ова и не му е прв таков исчекор. Во сржта на идејата стои и потребата во една вечер да се стори обид да се спојат традицијата, класиката и џезот и конечно да се ужива во виртуозноста и во леснотијата на изведбата. Диригент ќе биде Џијан Емин, а како солисти ќе настапат Џон Илија Апелгрен, Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска.

„Филхармонија ја завршува оваа неубава година за сите, со прекрасен Новогодишен концерт кој го насловивме „Нова година – Нов почеток“, со надеж дека навистина ќе отпочнеме едно ново и поубаво поглавје во нашите животи. Традиционалниот концерт за новогодишните празници, и овој пат ќе донесе позитивна нота и оптимизам за да почнеме повторно да дишеме со полни гради“, вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија.

Подготвуваат забавна и интересна програма

Џијан Емин, пак, со напомена дека на негово огромно задоволство традиционалниот новогодишен концерт на Филхармонија ќе биде реализиран во соработка со неговите другари и соработници кои свират во Биг бендот или се членови на Здружението на џез музичари на Македонија.

– Подготвивме интересна, убава, празнична програма на тема претстојните празници, односно Божиќ и Нова година. Во првиот, инструментален дел ќе исполниме неколку одлични аранжмани на стандарди направени од прочуениот Дон Менза и тоа во латино-американски стил. Значи ќе имаме, интересна, невообичаена латино-американска ноќ, а во продолжение ќе слушнеме и одбрани џез класици во изведба на прекрасниот Џон Илија Апелгрен и пејачи како Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска кои ќе ги видиме во различни формации. Сè на сè очекувам да имаме убаво испраќање на старата година во Филхармонија, истакнува диригентот.

„Звук на два метри“

Инаку, актуелната сезона на Филхармонија 2020-2021 симболично насловена како „Звук на два метри“ започна на 3 септември, а до крајот на декември беа реализирани 16 концерти во редовната програма и во Камерната сала. Важно е да се спомене дека Филхармонија беше првата институција од областа на културата која изработи специјални протоколи за реализација на концерти во посебни услови кои ги наложи епидемијата од Ковид-19.

Затоа со право Иванова потсетува дека тие со право се гордеат на досегашните активности и веруваат дека уште многу што имаат да ѝ понудат на публиката.

– Одржавме голем број на концерти, симфониски, камерни, рецитали, сите организирани под најстроги критериуми. Но сите до еден, со одличен фидбек од страна на музичката јавност. Се гордееме со сето она што досега го сработивме особено во вакви тешки времиња. И се надеваме дека ќе продолжиме со истиот ентузијазам и енергија, затоа што нашата визија е музиката да го покрие сивилото на секојдневието и да им даде храна на нашите души, вели Иванова.

Во наредната сезона, ќе имаме уште многу настани со врвни диригенти и солисти и навистина импресивна програма. Сите концерти можат да се проследат и онлајн, што е позитивна пракса во вакво време, а на која нашата публика веќе се навикна. Здравјето е најбитно, а тоа се чува и со консумирање на квалитетна музика – ќе рече Иванова.

Извор

Напишете коментар