Skip to content

Разговор со Симеон Јанков, македонски автор кој има што да им понуди на читателите

  • by

На наше огромно задоволство имавме можност да поразговараме со Симеон Јанков кој од неодамна е дел од тимот на Крајбрежје како автор. Повод за разговорот беше идејата да го запознаеме подобро овој македонски автор, но и да им го претставиме на читателите неговиот прв роман.

Кој е Симеон Јанков, за сите слушатели кои досега можеби не слушнале за тебе, еве прилика да те запознаеме сите подобро?

1.     Здраво на сите, ти благодарам, Наталија за поканата, ти благодарам Крајбрежје. Завршив Книжевност во април 2005 г., но за разлика од многумина други, кај мене желбата за посериозно пишување се роди многу подоцна. Засега имам само една објавена книга, романот „Црна шума“, кој е еден вид постмодернистичка мистерија. Привршувам со својот втор роман, „Најосаменото место“, кој е практично напишан, па сега доработувам некои нешта.

Од кога започна твојата приказна со пишување?

– Како и кај повеќето од нас, и јас пишував песни во основно и средно училиште, но поезијата не е жанрот во кој се пронаоѓам. Мислам дека до неодамна, мојата најнова песна беше напишана во далечната 2004 г. Летоска, по толку години, напишав уште една, која се појави и на Крајбрежје J . Инаку, посериозната желба за белетриска кај мене се јави многу подоцна, при крајот на 2017 г. И да не заборавам, некаде летото-есента 2006 г. напишав една новела, „Разговори со (едно женско име)“, која е делумно меланхолична љубовна приказна, но повеќе еден психоаналитички дневник, со многу навраќања на периодот 2000/01. Напишана е во тефтер, си ја сметам за добра, но новелата никогаш нема да ја прочита никој друг, бидејќи содржи и интимни, и автобиографски моменти, и вистински имиња и настани. Тогаш добив желба да ја напишам исклучиво за себе, така и ќе си остане.

Имаш завршено Филолошки факултет, од кога се јави кај тебе желбата за изучување на јазиците и дали љубовта кон нив напоредно се развиваше со љубовта за писмено изразување?

– Кога се запишував на Филолошки, не стануваше збор за посебна љубов. Сакав на Правен, но оценките во средно ми беа далеку од идеални. Во тоа време уште постоеше можноста за запишување без партиципација, а конкуренцијата на Филолошки беше послаба, иако, за жал, не може ни оддалеку да се спореди со сегашната. Имаше многу студенти во сите групи, секаде беше полно. За жал, неодамна читав дека овие години ретко кој се запишува на Македонска книжевност или Македонски јазик. Во средно не бев некој голем читач, така што мислам дека вистинската љубов кон книгата кај мене се роди при запишувањето на факултет.

Од неодамна го промовираше твојот прв роман „Црна шума“, честитаме. Иако во малку невообичаени услови сепак имаше скромна промоција. Кажи ни нешто повеќе околу романот, како можат читателите да стигнат до него? И зошто да биде тој нивен избор за читање?

– Ви благодарам! Промоцијата за мене беше прекрасно доживување. Фросина и Мишел се промотори какви што човек може само да посака, и во ова нема никакво преувеличување. Особено драго ми беше и тоа што на промоцијата присуствуваше и мојата класна од средно, која е професорка по македонски јазик. Книгата е во издание на МИ-АН (2019) и може да се најде во Полица и ИЛИ-ИЛИ. Инаку, се работи за мистерија/трилер, која опфаќа повеќедецениски период, иако сржта на приказната е сместена во декември 2017, кога и почнав да ја пишувам книгата. Централен лик и наратор е еден човек од шеесет и неколку години, кој откако ќе го напушти сопругата, не сакајќи се впушта во една опасна авантура, од каде демнат многу нешта за чие постоење не може ни да помисли.

Од каде ја црпиш твојата инспирација за творечко изразување?

– Најотворено кажано, навистина не знам. Првичната идеја, каква-таква, да ја напишам Црна шума, се роди некаде во август 2015, но сѐ остана на неполна една страница. Во меѓувреме запишував некои идеи на хартија и мислев дека имам каква-таква претстава за темите во книгата, но кога речиси две и пол години подоцна решив да ја напишам, сфатив дека сум оставил најмногу 10 насто од зацртаното. Можам слободно да кажам дека на крајот испадна сосема нова книга, а од онаа планираната не остана речиси ништо и од тоа би можела да се роди нова книга, но тоа нема да се случи, бидејќи првичната идеја, од денешна перспектива ми се чини многу глупава. Накратко, инспирацијата ми доаѓа како од никаде.

Што значи да се биде писател? Кој сè може да се нарече писател во денешно време?

 – Ќе звучи како клише, бидејќи одговорот сум го слушал и од некои други. Премалку е да се нарекуваш писател по само една објавена книга. Засега сум само автор. Тука генерално се сложувам со условите за членство во Друштвото на писателите на Македонија – да имаш издадено барем три книги, па и за тоа постојат критериуми, или во најмала рака, би требало да постојат. Тоа значи дека не секој што напишал три книги може да се нарече писател, а освен тоа и обратно: постојат автори што и со по две книги веќе може да ги наречеме писатели.

Дали карантинот имаше влијание врз твојата продуктивност? Што прават авторите за време на карантин?

– Не. И вторава, за која се надевам дека ќе излезе догодина, почнав да ја пишувам во декември 2019. Едноставно, добив инспирација и тоа беше тоа. Постоеја периоди кога и за време на карантинот не пишував речиси ништо.

Твој омилен жанр за пишување, а кој омилен за читање? Зошто токму тој?

– Кога станува збор за пишувањето, би рекол постмодернистичката драма/мистерија. И првата и втората запливуваат некаде во тие води и поинаку и кога би сакал (а не сакам), не би можел. Читањето е сосема поинаква работа, и не може да се ограничи на жанр. Најмногу од сѐ, ги почитувам руските класици, како Достоевски, Толстој, Лермонтов и Гогољ. Од американските, Скот Фицџералд, особено неговото ремек-дело Големиот Гетсби, и секако мистериозните хорор-приказни на Едгар Алан По. Секако, има и многу други автори што ми се омилени.

Се вели дека читателите живеат онолку животи колку што имаат прочитано книги. Која книга тебе ти го промени животот, а која може да се каже дека ти е омилена и зошто токму тие?

– Не сум сигурен дали постои книга што ми го променила животот,ниту дека една книга може да промени нечиј живот. Имам огромен број омилени книги. Ама ајде, првите што ми дојдоа во моментов се „Понижени и навредени“ од Достоевски и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев.

Низ страниците среќавајќи се со различни ликови од литературата, дали некогаш си се пронашол делумно или целосно во некој фиктивен лик од книга, кој е тој и зошто?

– Јозеф К. од Процес е првиот што ми доаѓа на памет. Можеби затоа што сум се наоѓал во многу апсурдни ситуации. Згора на тоа, некои истражувачи на биографијата и творештвото на Кафка (особено Писмата до Милена), претпоставуваат дека имал Аспергеров синдром.

Кои книги според тебе би требало да бидат задолжителна лектира за учениците од основно и средно образование, а не се?

– Веднаш помислувам на Калина Малеска, според мене нашата најдобра современа писателка за деца. „Мојот непријател Итар Пејо“ е ингениозна книга.

Уметностите имаат некоја заедничка невидлива нишка, покрај пишувањето кога би зборувале за музиката, кој е твојот музички избор? Што претставува за тебе муизката?

– Немам строго омилена музика и на тоа поле забележувам чести и драстични колебања. Музиката е за мене уметност, која е на исто ниво, значи, ни полоша ни подобра, од останатите уметности, како пишувањето, сликарството… Но, еве, сакам да медитирам со будистичка зен музика.

На сите ни треба одмор од секојдневните обврски кои навистина некогаш знаат да бидат стресни и напорни. Како го исполнуваш слободното време, кој е твојот начин на релаксација?

– Делумно кажано, пишувањето е релаксација за мене, но зависи од моментот, расположението и фазата на пишување. Истото понекогаш е прилично стресно за мене. Во средношколските и студентските денови, со години активно се занимавав со бокс, но прекинав негде при крајот на 2003. Има еден прекрасен начин на тренирање, на кој неодамна му се вратив. Се вика „борба со сенка“ и може да се прави дома. Си замислуваш противник, го „удираш“, ги избегнуваш неговите удари. Тоа е одлично и за физичкото и за менталното здравје. Како некој вид медитација преку спортување. Кога сме кај медитирањето, медитирам во пообичната смисла на тој збор.

Претпоставуваме дека имаш некој омилен цитат или извадок од некое дело или песна. Можеш ли да го споделиш со нас, драго ќе ни биде да го чуеме?

– Нека биде Windmills of Your Mind, песната од филмот „Аферата Томас Краун“ (1968), со Стив Меквин и Феј Данавеј во главните улоги.

Pictures hanging in a hallway
And the fragment of a song
Half remembered names and faces
But to whom do they belong?
When you knew
That it was over
You were suddenly aware
That the autumn leaves were turning
To the color
Of her hair.

Кој е твојот лајтмотив?

– Човечките судбини, раскажани на еден поапсурден начин, кој сепак ќе биде подложен на едно или повеќе психолошки толкувања.

Што би им порачал на читателите на блогот, но и на слушателите на Кулитераицја, како за крај на денешната дружба и разговор?

– Да го прават она што ги исполнува, без разлика дали е читање, пишување, спортување, планинарење. И секако, да го читаат Крајбрежје, бидејќи е еден од нашите најсодржајни и најквалитетни блогови.

Му благодариме на Симеон за одвоеното време за овој разговор, а во името на цел тим му посакуваме понатамошни книжевни остварувања и бројни успеси на приватен и професионален план!

Напишете коментар