Skip to content

Атлас во грчката митологија

Атлас бил еден од најпознатите титани, син на Јапет и океанидата Азија (или според други, Климена). Тој бил водач на бунтот на титаните против Зевс, за што добил соодветна казна на крајот на Титономахијата. Се работело за десетгодишна војна помеѓу титаните и боговите. Бил проколнат за навек да го држи небото. Само еднаш, во еден многу кус период, добил оддишка, кога неговата работа накратко ја презел Херакле. Персеј, веројатно користејќи ја главата на Медузата, го претворил во карпестите Атлански Планини.

Етимологија на името Атлас

Името на Атлас има несигурна, веројатно предгрчка етимологија. Но Старите Грци и Римјани, изгледа, сметале дека неговото име е изведено од друг корен, сличен по звучност. Тие верувале дека неговото име значи „многу издржлив“.

Ова потполно се вклопува во портретот на Атлас како огромен, брадосан човек, секогаш благо искривен од болка. Болката доаѓала од тежината на небото, обично прикажувано како свод со своите најпознати соѕвездија.

Семејството на Атлас

Според Хесиод, како што веќе споменавме, родителите на Атлас биле Јапет и Климена. Како и да е, не сите се согласуваат со Хесиод. Според некои други, неговата мајка била нимфата Азија. Во секој случај, тој имал тројца браќа: Прометеј, Епиметеј и Менотиј и можеби исто толку жени.

Плеона му родила осум ќерки: божицата-нимфа Калипса и седумте плејади. Имињата на плејадите биле: Мереопа, Електра, Тајгета, Алкиона, Келена и Стеропа и Маја (мајката на богот Хермес). Океанидата Етра му родила уште неколку ќерки, хијадите, како и единствениот син, Хијас. Најпосле, според некои, хесперидите, исто така биле ќерки на Атлас од бракот со Хесперида.

Титаномахијата и казната за Атлас

Јапетовите синови застанале на спротивни страни за време на Титаномахијата. Прометеј и Епиметеј решиле да му помогнат на Зевс. Атлас и Менотиј застанале на страната на титаните. Едно време, Атлас успеал да стане дури и водач на бунтот, но тоа не завршило добро за него во подолгорочна смисла. Нему му припаднала најсуровата казна по поразот на титаните.

Имено, Атлас бил проколнат да го држи небесниот свод засекогаш, стоејќи на далечните, најзападни рабови на Земјата. Тоа место било близу до градината на неговите ќерки, хесперидите. Некои велат дека небесниот свод му бил директно поставен на рамената. Според други, кои се помилозливи, Атлас ги држел двата столба што ги раздвојувале Земјата и Небото.

Атласовите средби со хероите

На Атлас не му било дозволено да се помрдне и малкумина знаеле каде е неговото живеалиште. Затоа, единствените митови во кои е споменат, се однесуваат на двајца од најголемите грчки херои. Тие го нашле на крајот на земјата.

Прв од нив бил Херакле, на кого два од првичните десет подвига му биле поништени. Тогаш добил нова задача. Херакле требало да му однесе на Евристеј неколку златни јаболка од хесперидите. Херакле итро му понудил на Атлас да си ги сменат улогите, за Атлас да ги донесе јаболката од своите ќерки. Така го избегнал вмешувањето на Ладон, змејот-чувар на јаболката.

Атлас ја завршил работата, но во главата сковал друг план: лично да му ги однесе јаболката на Евристеј. Секако, тоа ќе значело да го остави Херакле и својата стара работа. Но Херакле го надитрил лековерниот Атлас, навидум согласувајќи се со неговиот план. Тој го замолил да го подржи сводот за да може да се намести во поудобна положба. Но наместо тоа, Херакле само ги зграпчил златните јаболка и заминал, не осврнувајќи се.

Вториот и последен херој што го посетил Атлас бил Персеј. Поминувајќи покрај титанот, Персеј го замолил за гостољубивост, но Атлас, плашејќи се од некој нов понижувачки трик, го одбил. Тогаш Персеј му ја покажал главата на Медузата и Атлас се претворил во камен, односно во планински венец. Планинскиот венец се наоѓа во Северна Африка и сѐ уште го носи неговото име.

Од каде знаеме за Атлас?

Постојат неколку стиха во Теогонијата на Хесиод, кои се однесуваат на приказните за Атлас и неговите браќа. Средбата на Херакле со Атлас е повторно раскажана во петтата глава од втората книга на Аполодор, Митолошката библиотека. Атласовата преобразба во планински венец е раскажана од Овидиј, во четвртата книга од неговите Метаморфози.

Извор

Прочитајте и што велат толкувањата за Пандорината кутија.

Напишете коментар