Skip to content

Што означувала поезијата за Аристотел?

Како и многу важни документи во историјата на филозофијата и теоријата на книжевноста, За поетиката на Аристотел, напишана околу 330 г.п.н.е., има големо влијание врз западната естетска филозофија и уметничката продукција.

За поетиката е делумно одговор на Аристотел до неговиот учител, Платон, кој во „Република“ тврди дека поезијата е претстава на чиста појава и дека е погрешна и морално сомнителна. Пристапот на Аристотел кон феноменот поезија е доста поразличен од тој на Платон.

Се спротиставува на Платон

Наместо да заклучи дека поетите треба да бидат протерани од општеството, како Платон, Аристотел се обидува да ги опише социјалната функција и етичката корисност на уметноста.

Важно е да се запамети дека Аристотел и грчкиот свет како целина, гледаа на уметноста како суштински репрезентативна. Иако сигурно имаме примери на грчки обрасци и украси кои се „апстрактни“, ништо не укажува на тоа дека Грците признале таква категорија како „апстрактна уметност“.

Катарса, што е тоа?

Еден од најтешките концепти воведен во За поетиката е chatarsis (катарса), збор што влезе во секојдневниот јазик, иако научниците сè уште расправаат за неговото вистинско значење во книгата на Аристотел.

Катарсата најчесто се дефинира како „прочистување“ на емоциите сожалување и страв кои  се јавуваат кога гледаме трагедија. Што всушност означува ова прочистување не е доволно јасно.

Аристотел ја започнува својата дискусија со воспоставување на општа дефиниција за поезијата како една широка категорија која ги вклучува сите форми на литературна продукција и изведба познати во времето на Аристотел.

Поезијата е еден вид на имитација

Тој разликува различни жанрови на литературна продукција и изведба. Основната карактеристика на сите форми на поезија е дека се еден вид на имитација или mimesis. Артистотел идентификува три аспекти во кои поетските жанрови можат да се разликуваат едни од други: медиумот преку кој тие ја презентираат својата имитација, предметот на имитација и начинот на имитирање.

Тој го нарекува секој напишан документ текст, без никаква музичка придружба и признава одредена неодлучност за тоа како да се категоризираат различните видови на текстови од ваква природа. Подоцна во книгата дава проширена дискусија за епот, користејќи го Хомер како пример.

Разлика меѓу поезија и историја

Својот познат став кон природата на поетската активност Аристотел го наведува во IX глава. Тој ја прокламира поезијата како повеќе филозофска од историјата затоа што поезијата зборува за она што е општо, додека историјата зборува за она што е индивидуално.

Општо е кога велиме дека лице со одредени карактеристики дејствува на одреден начин, и индивидуално кога велиме како тоа би го сторил Алкибадес (познат атински генерал и оратор). Аристотел вели дека не е задача на поетот да наведе што навистина се случило, туку што можело да се случи според законите на неопходност и веројатност. Историчарот и поетот не се разликуваат по тоа што едниот пишува во проза, а другиот во стих, туку дека еден пишува што навистина се случило, а другиот што би можело да се случи.

Сложена и едноставна приказна

За Аристотел, (Поглавје X) приказните се поделени на едноставни, без пресврт и препознавање и сложени, кои содржат пресврт и препознавање. Најубаво е кога во исто време се случува пресврт и препознавање, како кај Едип, бидејќи таквото препознавање и таквиот пресврт ќе предизвикаат страв и сожалување.

Настани што предизвикуваат страв и сожалување се оние кога пријателот ќе удри пријател или брат ќе удри брат и слично. Кои треба да бидат хероите кои предизвикуваат страв и сожалување кај гледачите?

Добрите луѓе во драмите не треба да доживеат пад од среќа во несреќа, бидејќи тоа би предизвикало одвратност, а не страв и сожалување; ниту пак обратно: лошите луѓе не треба да западнат од несреќа во среќа затоа што е во спротивност со задачата на трагедијата.

На крајот, дури и лошата личност не треба да падне од среќа во несреќа, затоа што со тоа правдата е задоволена па и тоа нема да предизвика страв и сожалување. Страв и сожалување може да предизвика обичен човек, кој не се истакнува во ништо и станува несреќен не заради тоа што е злобен, туку заради некоја грешка. Едип тука е добар пример.

Карактеристики на ликовите

Квалитетите што ликовите треба да ги поседуваат се следниве: благородност, пристојност (не е соодветно жената да биде храбра), сличност и постојаност. Пример за неконзистентен карактер е Ифигенија.

На крајот од дефиницијата, Аристотел вели: Провоцирајќи чувство на страв и сожалување, таквиот карактер ги прочистува чувствата на страв и сожалување, односно катарсата.

Комедија и трагедија

За Аристотел, комедијата ги претставува човечките суштества како „полоши отколку што се“, но тој забележува дека ликовите не се нужно злобни, туку смешни. Тој ја споредува комедијата со трагедијата, која ги претставува луѓето како „подобри отколку што се“.

Секоја трагедија, според Аристотел, мора да има шест дела: приказна, карактер, говор, мисли, сценски апарат и музичка композиција. Најважниот од овие шест дела е приказната затоа што трагедијата е имитација на животот.

За подобро да разберете за што станува збор, прочитајте ги митовите за Едип и Ифигенија овде: Митот за Ифигенија, грчка принцеза која станала свештеничка на Артемида и Митот за Едип.

Напишете коментар