Skip to content

Одблизу со Моџо Килингтон – еден од најискрените активисти, писатели и сценаристи

  • by

На наше големо задоволство имавме чест да поразговараме со Божидар Божиновски или Моџо Килингтон. Искрен, отворен, успешен млад човек кој прави промени во општеството. За оние што не слушнале за него, а оние кои слушнале да го запознаат малку подобро, прочитајте го разговорот во продолжение.

Повеќето те препознаваат по името Моџо Килингтон, вусшност ти си еден од најпознатите твитерџии кај нас и така можат да те најдат таму. Која е разликата помеѓу Божидар и Моџо, кој е едниот, а кој другиот?

Истиот сум, само што немам уште документи извадено за Моџо Килингтон, од МПЦ велат дека не било според каноните да крстат некој Моџо. Ќе видам кај хиндуистите можеби. Разликата е интернет и реалност. Не е некое откритие дека луѓето се различни од социјалните мрежи и во реалниот живот. Ако не беше така значи дека овие што не пуштаат ништо не ни зборуваат. Ако некако треба да разделам би било тоа. Онолку колку пишувам на интернет во еден ден не зборувам во живо цела недела.

Мислите ми се погласни од јазикот па така најчесто сум повлечен и уживам во самотија па можеби и затоа ми легнаа социјалните мрежи можам да сум сам, а во исто време со целиот свет. Се разбира тоа што го пишувам на социјални мрежи не ми е многу во фокус кога ќе го исклучам телефонот, но тоа е веројатно кај сите. Дуалноста на тој интернет живот и реалноста од друга страна создава многу проблеми посебно кај младите кои го споредуваат својот живот со туѓите, тема за која не се разговара доволно.

Имаш повеќе ангажмани, оние кои не те знаат од Твитер, те препознваат од Вчерашни новости каде што си еден од сценаристите. Колкава е одговорноста да се создава хумористична содржина за македонската публика? Од реакциите, нашиот впечаток е дека луѓето го сакаат овој вид хумор.

Македонската публика (која уште во најголем дел е телевизиска) е жедна за македонски продукти со кои можат да се поврзат, со теми кои се од нашиот живот, нашето општество. Не можам да се пофалам дека сум баш одговорен кога се во прашање теми кои ми се слаба точка и дека сум доста избувлив кога се во прашање неправди, сиромаштија, криминал. За среќа не сум само јас во тимот и секогаш врвиме низ процес на подобро осмислување од само моите чувства на гнев кон оние кои прават неправди врз послабите од нив.

Сценарист, писател, активист. Што е Моџо, а што Божидар?

Неуспешен вработен во администрација кој само сакаше да пие кафиња, јаде бурек на биро, чир и хемороиди, дремење по цел ден гледајќи колешки облечен во костум кој ќе го смени два пати во животот (трет пат на погреб) со сопруга, две три деца и два три кредити. Од тоа успеав да остварам само кредитите. И сопругата која ќе беше константа во кој и да е живот. Ова сѐ што сега го правам е само нуспојава на тие желби за сосема просечен живот кои не можев да ги достигнам.

Моџо има став речиси за сѐ што се случува во општеството. Можеме ли да кажеме дека дел од инспирацијата за твојата работа црпиш од забеганоста на сѐ околу?

Можете слободно да кажете и јас ќе ви потврдам 🙂 Сите сме дел од тој систем на забеганост, кој веќе не е само состојба која врви туку животот наш. Се изнагледавме сѐ и сѐшто и сепак секој ден успеваат да не изненадат со нови глупости. Инспиративни се за политичка сатира, само што за жал таа инспирација доаѓа со огромна цена да живееме во општество каде што најлошите се на врвот, младите се во странство, со најзагаден воздух, загадена почва, најниски плати… Би сакал еден ден да сме досадна земја па да може да се пишува за корнизи и пердиња или за дожд или за што и да пишуваат во нормални земји.

Поезијата е начин на изразување мисли, чувства, приказ на субјективниот свет на поетот, што значи за тебе таа? Како би ја дефинирал/опишал поезијата?

Ерупција на болката која доволно долго си ја потиснувал и мора да експлодира некаде. Или ко нервен слом или ко нервен слом за читателите што мораат баш мојата да ја читаат. За мене беше и експлозија и расчистување во себе после таа експлозија. Некогаш излегуваат чувства што не ни знаеш дека тлеат во тебе и кога ќе излезат треба да им го најдеш коренот и да се запознаваш подобро.

Од Литература.мк први го препознаа твојот квалитет за разлика од другите наши издавачи кои само ја одминале твојата порака. Од оваа перспектива која порака би им ја испратил на издавачите кои категорично одбиваат издавање книги на млади и недокажани автори без да им се даде шанса?

За среќа брзо се менуваат работите и сѐ поголем интерес има и кај издавачите и кај читателите за македонската литература. Поезијата не беше во план да излегува, а романот дојде сам по себе со што морам да им се заблагодарам на Арс Ламина и посебно на Татјана што ме тераше буквално да пишувам. И да им се извинам на читателите што седнав да пишувам. Не би им порачал ништо на издавачите, со многу големиот пробив на интернетот и социјалните мрежи сфатија дека дали ќе се издаваат книги и ќе продаваат тие или авторите сами ќе бараат публика на интернет без да има книга литературата ќе продолжи да се развива. Прашањето беше само дали со нив или без нив. За среќа одлучија да се зад нив и да застанат зад одредени писатели.

Во твојата прва книга “Аутпопсија на љубовта” среќаваме чувства како: копнеж, љубов, безнадежност, апсурд. Дали Божидар во оваа збирка ја соголува својата душа?

Кога ги пишував песните мислев дека нема никој да ги чита и дека се само за мене. Кога веќе ја имав книгата во раце и ја отворив сфатив дека тоа е само некоја школка на некој јас во друго време. Како читање на дневник. Во таа смисла е соголување на душата во еден сегмент од времето. Душата, чувствата, човек е постојана промена. Сега да ги пишувам би биле сосема различни.

Во твојата втора книга, а прв роман „Денот кога не се разбудив“, главниот лик сфаќа дека неговиот живот е целосно промашен. Мислиш ли дека зад овој лик се криеме сите, на некој начин?

Можеби промашен е пресилен збор ама како што човек минува низ години и поважно низ искуства, често, му се јавува прашањето „Што ако?“. Што ако си свртел на друга страна на некоја животна раскрсница, дали би било подобро. Не можеш никогаш да знаеш тоа, а повторно се јавува тоа „Што ако?“. Од желба за да се промени животот, од носталгија, од незадоволство, од чиста љубопитност. Дали ќе било подобро или полошо? Единствено е сигурно дека кога размислуваме за таквите крстосници дека би било поинаку од што ни е сега животот. Дали е добро или лошо тоа којзнае. Затоа најдобро е да веруваш дека сѐ е како што требало да биде пред да се заробиш во кафезот на минатото. А ионака животот е прекраток за каење.

Дали од тебе можеме да очекуваме нов роман или збирка поезија во блиска иднина? Какви се плановите на ова поле ако би сакал да ни откриеш?

Романот е готов, се надевам ќе биде во 2021-ва. Би сакал и јас повеќе да ви откријам, но и јас толку знам.

Знаеме дека македонските политичари и општо политиката во државава нуди неисцрпна инспирација за создавање хумор (Твитер заедницата тоа го покажа досега многупати, покрај вашата емисија) итн. На блог сме скарани со политика (не ја мешаме во содржините), но неизбежно е да те прашаме: Дали некогаш би се занимавал со политика професионално и хипотетички што би променил во држава кога би имал можност и моќ?

Тоа ми беше и желба, за жал ко бев млад и наивен дека можам да го променам светот. Растејќи во транзицијата ги гледав сите тие промени околу мене, од војните во Хрватска и Босна до промените во одделението како се стануваше полошо, многу луѓе губеа работа, животи и бев решен дека ќе се занимавам со политика. Детски не ми изгледаше фер некои да имаат премногу, а некои ни за да им дадат за ужина на децата на школо. Мислев дека може да се изгради праведен свет. За жал сфатив дека на никој не му е до праведен свет туку само сакаат да се снајдат во овој. И оние што ги газат ако им дадеш шанса би ги газеле сличните на себе. Се помирив дека нема да го сменам светот туку дека политиката би ме сменила мене, на многу полошо.

Системот е толку корумпиран, така скроен за да владеат олигарси, разни локални шерифи, политичари и нивните поданици што сѐ освен комплетна промена на системот кој ќе донесе правда за сите жртви на гореспоменатите би била козметика. Цел систем би го сменил, накратко.

Какво влијание имаа врз тебе пандемијата, карантинот, општо новонастанатата состојба? Што ти падна најтешко, а што беше лесно подносливо?

Тешко е да не те допрат сите трагедии од здравствени до економски кои ги донесе оваа пандемија. На почетокот се надевав дека ова ќе нѐ направи подобри луѓе, похумани, послолидарни, дека ќе е некоја голема катарза на општеството. Скоро година подоцна ништо на тоа поле не се случи. Мислев дека можеме да извлечеме поуки за после пандемијата да има коренити промени, посебно се надевав дека многу од работничката класа ќе се освестат дека една плата ги дели од амбис, дека после остануваат на милост и немилост на разни лешинари како што се извршители, банки, крупниот капитал. На крајот испадна дека повеќе сакаат да работат и по цена на живот за да одржат некој статус кво кој не им одговара наместо промени. За жал мислам пропуштивме огромна шанса.

Лично не ми се сменија многу работите, уживам во самотија и не ми се смени животот многу.

Кој е твојот лајтмотив?

За 50 години ништо од ова нема да е важно, времето и просторот се бескрајни, барем со тоа мало парче откинато од нив наречено живот да направиме нешто забавно.

Каква порака имаш до нашите читатели?

Бидете слободни само внимавајте дека слободата завршува таму каде што таа може да нанесе болка на некој друг. Не одете преку таа граница. Бидете добри едни кон други, љубете, бидете љубени, живејте како што сакате надвор од рамката што ви ја поставува општеството, семејството, околината. Никој на смртна посетела не рекол „Баш ми е мило што живеев според очекувањата на комшивката Ружа од трети“. И пишете да ви дадам диплома ако сте стигнале со читање до овде.

На Божидар (Моџо) му благодариме за одвоеното време и му посакуваме бројни успеси на сите полиња!

Напишете коментар