Skip to content

Предлог книга – Доктор Живаго од Борис Пастернак

Доктор Живаго е роман и воедно и збирка поезија напишана од главниот лик Јуриј Живаго.

Трогателна приказна за животот и љубовта на еден поет-лекар за време на руската револуција. Романот има два паралелни приказни  од една страна има една љубовна и од друга страна социополитичка. Зборот „живаго“ го дели својот корен со рускиот збор живот (жизнь). Животот е , воедно, една од најголемите и најважните теми во овој роман.

Јуриј Живаго, сакајќи да го заштити своето семејство, го носи надвор од Москва и наоѓа скривалиште во висорамнините на Урал. Одземајќи го семејството, тој се вклучува во борба помеѓу црвено-белите, како и во љубовна врска со  убава медицинска сестра Лара. Љубовната приказна на Јуриј Живаго во голема мера ќе биде условена од околностите што произлегуваат од амбиентот на руската револуција, а подоцна и од граѓанската војна.

И покрај тоа што книгата доживува вистински бум и е сензација во западниот свет заради нејзиниот социјален и политики контекст, таа е навистина трогателна и богато емотивна книга која допира до срцето на секој.

Како и Војна и Мир, овој роман раскажува за еден историски клучен период за Русија.  Голем број на карактери чии судбини се испреплетени се претставени:  железничари, земјоделци, интелектуалци, трговци, адвокати, професори, студенти, војници, сиромаси и богати.

Сцените од премрзнатите возови, опуштените села, напуштени куќи преплавени со стаорци, изгорени села се надополнуваат со нежните сцени помеѓу Јуриј и Лара кои се единствена надеж за животната радост.

Прочитајте го овој роман и ќе ја почувствувате моќта на руската душа, ќе дознаете зошто Борис Пастернак ја добил Нобеловата награда токму за овој роман 1958 година.

Овој роман е неколкупати адаптиран за филм и уште една топла препорака е оној од 1965 година режиран од  Дејвид Лин.

Напишете коментар