Skip to content

Новогодишна приказна

Ноќта 30 декември према 31 – ви ја поминав во друштво на сопствените духови од изминатите Новогодишни вечери. Знам, знам. Кај Дикенс е Божиќ, ама јас решив на Божиќ малку духовно да мирувам, па затоа за Нова Година ги повикав.

Ве интересира што се случи нели?

Ме посети прво духот на Новогодишните изминати вечери, тоа бев јас како дете. Ме држеше за рака и трапаво ме водеше низ тогашниот мој Гостивар. Низ претпознатливите Новогодишни/Божиќни тезги кои секогаш беа полни со честитки, дедо мразовци, балони, маски и играчки. Од нив секогаш можеше да се слушне некоја музика од музичка кутија. Врнеше снег. Духот ме поведе пред една посебна тезга низ гужвата.

Таму стоеја мајка ми и татко ми, јас и брат ми – пикавци. Со сјајни, ококорени очи ја гледавме тезгата и биравме што сакаме. Тогаш ми стана јасно, ние уствари не ги сакавме сите тие играчки, ние за дома сакавме да го земеме тоа магично, празнично чувство и засекогаш да го чуваме на еден посебен рафт. Новогодишните вечери кај нас дома секогаш беа топли, со мирис на храна и печени колачиња, со запалено ќумбе и осветлена елка. Еден пар дедо мразовски чорапи закачени на завесата, под елката пакетчиња. На телевизија пуштено стандард “Пинково народно весеље” ама не се бунам. Убаво ми беше некако во таа домашна, топла Балканска атмосфера. Среќна бев.

Духот пукна со прстите, стана наеднаш дванаесет часот. Се видов себеси и моите дома кај покојна баба ми. Традиција беше да си честитаме вечерта. И годинава ко и изминатите две најмногу ќе ми фали тоа. Ама тоа е што е. Tивко во дванаесет ќе прошепотам ‘Среќна Нова’ се надевам дека ќе ме слушне.
Духот повторно пукна со прстите и повторно се вратив дома, пред компјутерот, со чашата Витач до мене. Спремна за новата посета и сите тие сеќавања.
Помина еден  час кога ме посети повторно мојот дух. Овојпат тоа бев јас од минатата Нова Година. Дојдена тука да ми ја покаже сегашноста (знам знам, пак е тоа некако минато..ама семантика)

Ја погледна чашата и се насмевна ко да помисли ‘Добро барем тоа не се сменило.‘ (Реално не верувам ни дека ќе се смени во скоро време). Пукна со прстите, изненадување! Се најдов в кујна. Најверојатно поради Ковид и сè тоа. Мајка ми го правеше шлагот за тортата, ќумбето беше запалено, во дневната висеа чорапите и под осветлената елка стоеја две пакетчиња, на телевизија некоја турска серија. Па, добро. За десетина – до дванаесет години се немаше ништо посебно сменето. Само што, јас имав дваесет години, а брат ми дваесет и шест. Искрено, уште сме ко мали деца понекогаш. Јас потајно уште ги сакам тие осветлени тезги, брат ми уште трча да види дали надвор има снег. Нашите, исти се, само со побела коса, баба ми (онаа другата) уште седи до ќумбето. Уште ни се смеат.

Годинава, за првпат после којзнае колку време пак ќе бидеме за дочекот сите заедно. Пак ќе биде пуштено “Пинково народно весеље”, а потоа и Преспав. Пак, по којзнае колку години ќе ечи музика и наше смеење.
Духот повторно пукна со прстите, се вративме во детската. Очигледно немаше што повеќе да научам од сегашноста. Сите тешки лекции ги проголтав, оние што ми мрачеа од животов ги исфрлив, оние што останаа уште повеќе ги засакав.

Уште еден час помина пред да дојде последниот дух. Сега знам, ќе помислите ‘Кај Дикенс тука веќе доаѓа најстрашното.’ Ама кај мене не беше така. Она што го видов во иднината засега ќе си го задржам за себе. Ама едно нешто ќе ви кажам. Луѓе не знаете што нè чека – пресреќни сме. Она на Халмарк го нема. И да…многу си се свиѓам во иднина.

Тоа беше тоа. Вечерта пред “Големата вечер”.

Нема тука да ви снимам филмови. Малку поинаку е сега. Јасно ни е на сите, ама седнете со своите духови и ќе видите дека не е сè толку црно колку што изгледа. Во 2021 – ва на сите, ама баш на сите ви посакувам здравје, среќа, љубов, храброст, волја за понатаму  и секако, топло чувство во градите за ако некогаш успеете да се вратите со вашиот дух на оваа вечер. Баш ко мене да се насмевнете.

Запомнете, заедно сме во сè ова и заедно сè ќе пребродиме исто ко оние пред нас. Спремете се за новите луди дваесети. Допрва доаѓаат.

Од срце,
Среќна нека ви е Новата Година.

Напишете коментар