Skip to content

„Името ми е Вивиен Ли“ е новиот роман на Горјан Петревски

„Името ми е Вивиен Ли“ е новиот роман на македонскиот писател Горјан Петревски што тој го објави на крајот на 2020 година.

Романот, како што наведува авторот, е пишуван според вистината на една тинејџерка, па оттука приказната произлегува од денешното време.

Главните ликови се тинејџерката наречена Вивиен Ли и нејзината другарка по име Вероника. Првата преку својата необична љубов кон „Норвежанецот од Љубојно“, запаѓа во незгодни, но и во духовити ситуации. Сето тоа се слева во еден богат сплет на случки и настани кои се вградуваат во структурата на приказната која е врзана со денешново време.

Вивиен Ли, и покрај тоа што не е надарена за пишување, поради својата заљубеност во таинствениот „Норвежанец од Љубојно“, последна надеж и „терапија“ ѝ е да напише љубовна приказна. Таа цело време, криејќи од родителите, ќе се измачува да пишува не верувајќи дека тоа ќе ѝ успее, а на крајот, без да биде сигурна во она што го пишува, ќе го создаде романот.

Дизајнот на корицата, ликовно-графичкото обликување и компјутерската обработка се на академскиот сликар Томе Манески.

Творечкиот опус на Горјан Петревски, (1951) е богат и обемен, главно, тинејџески, со четириесетина прозни и еден поетски наслов („Татковата прва љубов“). Како и романот за возрасни „Духот на Михаела Косар“ и „Моите мали вистини“, книга со записи и цртички. Од досегашното творештво, барем половина од насловите се романи за тинејџери во кои, главно, се обработува тинејџерската возраст и проблемите на тинејџерите. Поради тоа  Горјан Петревски е омилен лектирен писател. (МИА)

Писателот заслужено си ја носи титулата омилен лектирен писател бидејќи многу генерации израснаа со неговите дела.

Напишете коментар