Skip to content

Пејо Јаворов – Ден денувам

Пејо Јаворов (бугарски: Пейо Яворов; Пейо Тотев Крачолов) бил поет, публицист и револуционер од Бугарија, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација, подоцна свртен кон конзервативното-централистичко крило и ВМРО (Автономистичка). Роден е на денешен ден во 1878 година.

Од 1901 до 1902 година бил редактор на нелегалниот весник Дело. Првпат како четник во Македонија влегува со четата на Михаил Чеков во 1902 година, а потоа бил заробен од врховистичка чета и бил вратен во Бугарија.

Бил редактор на голем број на весници кој биле поврзани со македонското и одринското револуционерно движење, како што биле в. Дело, в. Слобода или смрт, в. Автономија, в. Илинден.

Неговата прва публикувана стихотворба Напред излегла во в. Глас македонски. Јаворов подоцна станал четник на Јане Сандански, а подоцна содружник и пријател на Гоце Делчев, негов прв биограф (Гоце Делчев, 1904).

По расколот во Организацијата бил член на Задграничното претставништво на конзервативното крило.

Ја споделуваме неговата песна посветена на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Ден денувам

(На Гоце Делчев)

Ден денувам – к’тишта потајни,
ноќ ноќувам – п’тишта незнајни.
Нeмам тато, ниту мама –
тато да ругае, мама да ридае…

Леле моја ти Пирин планино,
море црно цариградско вино.

С’ враг врагувам – мера според мера,
с’ благ благувам – вера зарад вера.
Немам братец, ни сестрица –
братец да ме фали, а сестра да жали…

Леле моја сабја халосија,
море љута одринска ракија.

Бог богува – нека си богува,
цар царува – века ли царува?
Немам либе, прва љубов,
мене да очек’ва и да ме оплак’ва…

Леле моја пушка огнебојка,
море тенка солунска девојка.

 

Напишете коментар