Skip to content

Стихозбирката „Афродита трча по ветерници“ од Сања Атанасовска излезе од печат

„Афродита трча по ветерници“ збирката поезија од поетесата и новинарка Сања Атанасовска излезе од печат. Ова е петта нејзина збирка поезија.

Книгата содржи педесетина песни во кои доминира љубовниот мотив, а тие се поделени во три циклуси „Шест песни за Афродита“, „Трчање по ветерници“ и „Мирно море“.

Сања Атанасовска е новинарка и поетеса. Родена е на 21 декември 1985 година во Куманово. Добитник е на наградите „Лесновски ѕвона“ и „Караманов“. Досега ги објавила збирките поезија „Писмото на десетте прс­ти“ (2015), „Тапија од животот“ (2017) книга која има само електронска верзија и е објавена на Фон­да­ци­ја Македоника, „Стаклена градина“ (2017), книга ко­ја освен печатена, има и аудио верзија, и „Шафране мој“ (2019). Во 2017 година го освоила третото место на книжевниот фестивал „Панонски галеб“ во Су­бо­ти­ца, Србија. Атанасовска во 2019 година била на кни­жев­на резиденција во Цетиње, Црна Гора. Објавува по­езија во повеќе странски списанија.

Во продолжение неколку песни кои се дел од збирката.

Трчање по ветерници

Таму сабјата ја сече наведнатата глава по сто пати

овде работникот не јаде од златна лажичка. 


Таму зборот натоварен со емоции сите ги следи

овде на Ескими продаваме мраз. 


Кај нас просекот во безбедна зона

просторот со насмевка го затвора. 


Кај другите ноќта е бесконечна

додека часовникот на ѕидот

ја одржува во живот. 

 

Три децении висам на конец

а ѕвездите со јаже

се спуштаат во моите зеници.

 

Ќе трчам по ветерници 

колку и да се поместуваат, 

за да им оставам камени песни

на тепихот од провев.

Секојдневие 

Среќата ја растеш како цвеќе

една жена секоја ноќ

заспива во кутијата за накит

и едно дете

го одвиткува 

своето срце од целофан

сенката се растега

со желба да биде небо

под стреата ми се руши гнездо

сите дарови ги оставам во црквата

и со полна душа

се качувам во празен автобус.

Рана во гените 

Ти си мала ѕвезда на исток

што ги покрива сите празнини. 


Остани вечно будна

заспивај само по наредба

песно моја

ти најдов рана во гените

а само ти ме памтиш.

Убавото лице на вистината 

Во сонот 

еднорог ми ја допира раката

додека лежам 

врз урната кула од книги. 

 

Со бакнеж го поздравувам

детето што има

огромна пеперутка во срцето. 

 

Вистината расте во сите убави нешта, 

сè друго е лага. 

Разоружана

Заљубена и разоружана до болка

ти се предавам

дури и кога ќе ме отфрлиш

далечината станува јама

со аристократска боја

скршениот клуч во бравата

е мој смртен непријател

и немам друга утеха

освен да љубоморам на птиците

што имаат крилја

за да те стигнат. 

Напишете коментар