Skip to content

Илјадници изгрејсонца

Небото плаче непрекинато речиси цели два дена. Дождовните капки ја галат натежнатата земја напојувајќи ја, како тазе мајка која го дои своето мало. Претходните две недели божиќните песни го исполнуваа просторот давајќи му хармоничен шмек и божиќен дух. Џабе ќе те фати празнична еуфорија ако нема со кого да ја споделиш, кога душата ти е празна ништо наоколу надвор од неа не е важно.

Ти се плаче заедно со небото, но душата ти вели дека на најголемите празници не се леат солзи, небаре останале неисплакани. „Нема зошто да плачеш, будалче“, си велиш во себе. Како другата во тебе да не знае дека си леела солзи на туѓи животни приказни како да ти се случиле лично тебе. Како да не знае дека може да те расплаче фотографија од болно и напуштено улично животно. Изгледа не се сеќава дека имаш способност да се расплачеш и од само еден прочитан цитат, тогаш кога никој не те гледа. А, за оние проголтаните што останале како кнедло во грло?

Тие се преточуваат во песни кои некогаш остануваат и незапишани. Се претвораат во ѕидови кои ништо не може да ги урне. Навистина не е згодно време за плачење денот кога се слави Христовото раѓање. Денот кога се слави животот и се пренесува веста традиционално меѓу луѓето во знак на честитка. Токму тие празници кои патем треба да се највеселите денови во годината за некого претставуваат неизмерна тага или недостиг.

На оние на коишто им врне во душата, од сè срце им посакувам да ги огрее вечно Сонце. Тоа продолжува да изгрева и покрај сè, ќе продожли да се раѓа и кога нас ќе нè нема. За многу години и да дочекаме уште илјадници изгрејсонца!

7.1.2021

Напишете коментар