Skip to content

Ќе се сетиш – Анастасија Лефкоска

Сонцето еден ден ќе умре и повторно ќе оживее.
Ти ќе се родиш пак, по којзнае кој пат. Ќе се родиш и иако нема да се сеќаваш ќе знаеш, ќе ги бараш несвесно нашите чекори по таа искршена улица, ќе ги бараш нашите исшарани прекречени ѕидови во сите тие мали градови. Ќе чекориш и нешто ќе те натера да се замислиш какoв би бил животот пред 300, пред 100, пред 1000 години.

Да се замислиш себеси во некоја мала куќарка. Во бела облека до сина река, да се замислиш како деца трчаат околу тебе, како вечераш со мене и потпевнуваш. Ќе те натера нешто. Знам. Ќе ти текне како седеше на столчето со полунасмевка. Ќе сфатиш дека всушност ти сега го красиш Лувр. Ќе сфатиш дека ти си Орландо и ѕвездата и волкот и музата. Ќе разбереш дека сакале или нејќеле, вечни сме.

Ќе ги најдеш моите стихови заклучени во Ватикан, во Страфорд, во Амхерст, во Ричмонд, во Блумсбери, во Њујорк и Лондон и сите останати места каде што живееле сите познати и непознати поети, уметници, пејачи и нивните музи. Сонцето еден ден ќе умре и повторно ќе оживее. Ти ќе се родиш пак, по којзнае кој пат, а јас ко и секогаш, во секој живот ќе те чекам и овековечам.

Напишете коментар