Skip to content

Биди позитивна – Силвана Панева

  • by

Секогаш насмеаната и позитивно настроена Марија со насолзени очи и бескрајна тага, не можејки да ја контролира ново настанатата ситуација, од која не гледаше излез, како навиена ѝ зборуваше на најдобрата другарка, Ана.

– Извини Ана, на мојата себичност и кратковидост. На твоите проблеми гледав како на лесно минливи ситуации и се дрзнував да ти давам “добронамерни совети”.  Со колкава леснотија ти велев да го заборавиш поранешниот маж, да се насмееш на животот, за и тој да ти се насмее и како со гума да ги избришеш заедничките години. Сега  сум во истата ситуација, соочена со  тежината на предавството што, тој ми го стори, не можам преку ноќ да ја избришам љубовта што со години ја имав за него. Добро знам низ што си поминувала кога се разведуваше, за жал, дури кога самата го имам истиот проблем.

Ана, пак, која животот не ја милуваше многу, ги загубила родителите во сообраќајна несреќа, и во најголемата тага, мажот и побарал развод. Без многу заобиколување ѝ кажал дека не ја сака повеќе, едноставно љубовта испарила, а тој се вљубил во друга жена. Тоа беше пред пет години, никогаш на ја надополни празнината на прерано изгубените родители, секој ден уште повеќе  и недостасуваа. Единствено научи да го живее животот без нивната поддршка и љубов.

Разводот на почетокот го доживее како “мала смрт “, премногу ѝ дојде смртта на родителите и неговото заминување од нејзиниот живот. Успеа да ја собере целата храброст во себе, не сакаше да ја сожалуваат, само да ја остават и некако да се справи со загубата. Иако се сметаше за силна личност ѝ сметаа коментарите на пријателките. Тогаш, најмногу се разочара во Марија, неа ја сметаше за најдобра другарка, и затоа ја болеа нејзините зборови. Како да можеш емоциите да ги бираш?! И кога си несреќна да глумиш дека, всушност си среќна а тоа не го знаеш.

До пред неколку месеци, таа беше добро ситуирана жена, од богати родители и уште побогат маж. Животот ѝ беше сведен на патувања низ светот, медититации и негување на позитивниот став кон животот. И така водена од сопствениот стил на живот и во најтешките моменти, знаеше да ѝ се јави на телефон и да ја советува: „Ајде дигни се веднаш, ти сама си правиш да ти е лошо“. Ана знаеше дека Марија има добра намера, но пристапот ѝ беше лош.

Кога ти е тешко во душата не можат да ти помогнат сите учења на овој свет.  Беше само човек од крв и месо, не е робот за да се подигне веднаш после големите животни бродоломи, и да продолжи како ништо да не било. Тврдењата на Марија дека мора секогаш да биде позитивна, не ѝ помогнаа многу, не се лечеше лесно срцето што крвари и емоциите што ги имаше.

Требаше да поминат неколку години за конечно Ана, да го најде мирот и спокојот во себе. Во меѓувреме ѝ прости и се обиде да ја разбере Марија. Немилите настани што животот ѝ ги донесе, не ја направија огорчена, напротив, по долгите консултации на самата со себе, успеа да се дигне и повторно да му се радува на животот. На добар пат беше да започне нова љубовна врска, го отвори срцето за љубов, и таа за кратко време се појави.

Ана, искрено ја погоди разводот на Марија, ѝ се јави само еднаш, ѝ кажа дека ако има потреба од разговор, секогаш ќе биде тука за неа. Не ја тешеше, не ѝ кажуваше празни зборови  како, “треба да бидеш силна “. Како вистинска другарка, должност ѝ беше да соочуствува со неа, да ја охрабри во секој нејзин чекор, на патот до освестување на своите вредности. Затоа ја прегрна цврсто, како река и надојдоа солзите и зборовите:

– Плачи, исплачи се Марија. Не ти замерувам за ништо што си кажала во минатото. Знам дека сепак било во најдобра намерa . Треба да помине време да го преболиш овој период од животот. Но, знам сигурно дека ќе помине. Тоа добро го знам, мила моја!

Како мелем на рана ѝ дојдоа зборовите на Ана, се прегрнаа и останаа уште долго да плачат заедно.

Силвана Панева

Напишете коментар