Skip to content

Сѐ ти простувам – Анастасија Лефкоска

Сѐ ти простувам. Ама баш сѐ. И тоа што те сонувам и тоа што ме боли кога ќе се разбудам. Немам сила да ти фаќам кусури, немам сила да играм шах, да трчам по нешто што под дифолт би требало само да ми дојде. Сѐ ти простувам досега. И тоа што замина и тоа што без никаков срам се врати и ми ја сруши палатата што ја градев од нашите искршени камења.
“Што е па сега?” прашав ко да не знаев.
“Како што? Па дојдов дома.” изговори и ја спушти торбицата.
Илјада пати си одеше и илјада пати се враќаше.
“Пушти ме, не сум јас за тебе.” зборуваше а потоа посилно ме прегрнуваше.
Сѐ ти простувам. И песните непрочитани и книгите неотворени. Сѐ ти простувам зошто на крај, ко магија успеваш сѐ да избришеш и себеси како херој во мојот роман да се запишеш. Сѐ ти простувам зошто те познавам. Знам како дишиш, знам кога одиш, одиш главата да ја разбистриш и да се помириш со некои работи.

И покрај сѐ знам и знаеш дека нема други. Знам дека ме сакаш иако не зборуваш, знам дека не се сакаш себеси и тоа те кочи. Знам дека се сомневаш, знам дека со мене заедно сонуваш. Ти простувам сѐ што е човечко, ти прегрнувам сѐ што е божествено и светло и темно. Знам дека си човек од збор. И јас сум. Кога реков дека животот сакам да го поминам со тебе, прифатив сѐ. И демоните и ангелите. И нервозите и солзите. И прегратките и бакнежите. Ти простувам сѐ, зошто дел си од мене, зошто знаеш како со мене кога и јас не знам како со себе.

Напишете коментар