Skip to content

101-годишнина од раѓањето на Славко Јаневски

Славко Јаневски (Скопје, 11 јануари 1920 – Скопје, 20 јануари 2000) е истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар.  Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.

Лани Советот на град Скопје 2020 година ја прогласи за година на Славко Јаневски, во чест на стогодишнината од неговото раѓање.

Кратка биографија

Јаневски е роден во Скопје, каде што завршил основно и стручно-техничко училиште. Од 1945 година е уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, како што се: списанието за деца „Титовче“, списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, литературниот весник „Хоризонт“ и хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работел како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“.

Во 1946 година, во Скопје, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле го формирале Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броело 7 члена. Потоа, Јаневски бил и претседател на Друштвото. Тој бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Советот на СВП, како и член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.

Јаневски оставил трага и во македонската кинематографија, како автор на неколку филмски сценарија: во 1967 година, тој ја адаптирал класичната историска драма на Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“, во режија на Трајче Попов. Соработувал со Панде Ташковски на филмската адаптација на епскиот воен роман „Доследни на заветот“, пренасловен во „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица. Ја адаптирал сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“, во режија на Кирил Ценевски.

Процес на лустрација

Во јуни 2013 година, Комисијата за лустрација против Славко Јаневски спровела процес на лустрација, во којшто утврдила дека соработувал со тајните служби. Според Комисијата, тој следел писатели и уметници, користејќи го псевдонимот „Славјан“, и тврдел дека нивните дела претставуваат лоша литература.

Реакции против ваквата одлука пристигнале од страна на МАНУ, Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот ПЕН-центар и пошироката културна јавност во Македонија. МАНУ дури јавно побарала преиспитување на одлуката, но барањето било отфрлено од страна на Комисијата за лустрација како неаргументирано.

Награди и признанија

Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои: „АВНОЈ“ (1968); „11 Октомври“; наградата на СВП „Браќа Миладиновци“; наградата на градот Скопје „13 Ноември“; „Кочо Рацин“; „Македонско слово“; наградата за книжевен опус на ИРО „Мисла“ и „Мирослав Крлежа“. Добитник е на две златни арени за сценарио на филмскиот фестивал во Пула, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974).

Во спомен на неговото дело, на 29 јануари 2010 година, во паркот „Жена-борец“ во Скопје бил откриен негов споменик, дело на академскиот вајар Томе Серафимовски. Во Општина Центар во 2013 година била отворена читална именувана во негова чест.

Неговото творештво

Јаневски е автор на многуброjни книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици. Според Георги Старделов, поезијата на Јаневски се одликува со повеќе карактеристики, како: хумор, фантастика, критичност, магија, сублимација и жива човечка историја. Во основата на неговата поетска имагинација лежи хуморот, т.е. неговата поезија е неделива од хуморот, кој најмногу доаѓа до израз во разорувањето на конвенциите.

Истовремено, тој дава една од најбезмилосните критика на балканската варварска иделогија. Тој е поет на изненадувањето, на авантурата, на овоземните миракули, поет на нескротлива, еруптивна поетска имагинација, кој го отфрла секој можен ред и поредок. Во поетското искуство на Јаневски се напластиле: словенско-паганска емоционалност, сетилност и хедонизам, пантеизам и во неговата поезија е сублимирана македонската поетска митологија, космологија, демонологија, етнологија итн.

Дел од многубројното творештво на Јаневски

Крвава низа: лирски фрагменти (поезија, Култура, 1945)

Песни (со Ацо Шопов, Блаже Конески, Гого Ивановски и Лазо Каровски) (поезија, Главен одбор на НОМС, 1946)

Пруга на младоста (со Ацо Шопов, поезија, Главен одбор на Народната младина на Македонија, 1946)

Пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки (поезија за деца, Државно книгоиздателство на Македонија, 1946)

Распеани букви (поезија за деца, Државно книгоиздателство на Македонија, 1946)

Милиони џинои: приказни за Петгодишниот план (поезија за деца, Нопок, 1948)

Песни (1944-1948) (поезија, Државно книгоиздателство на Македонија, 1948)[17]

Снешко (поезија за деца, Нопок, 1948)

Егејска барутна бајка (поезија, Нопок, 1950)

Улица (повест, Државно книгоиздателство на НР Македонија, 1950)

Лирика (Кочо Рацин, 1951)

Село зад седумте јасени (роман, Кочо Рацин, 1952)

Шеќерна приказна (сказна за деца, Детска радост, 1952)

Кловнови и луѓе (раскази, Кочо Рацин, 1954)

Две Марии (роман, Кочо Рацин, 1956)

Леб и камен (поезија, Кочо Рацин, 1957)

Месечар (роман, Кочо Рацин, 1958)

Сенката на Карамба Барамба (поезија за деца, Кочо Рацин, 1959)

Марсовци и глувци (поезија за деца, Кочо Рацин, 1959)

Горчливи легенди (патописна проза, Кочо Рацин, 1962)

Сиромавиот црн Џо (поезија, Кочо Рацин, 1962)

Напишете коментар