Skip to content

Небо од светилки

Сè започна кога најмалку очекував. Откако за првпат ги здогледав тие шарени очи во огромната толпа на луѓе кои итаа кон плоштадот сфатив дека тоа се оние вистинските, оние кои сакам секое утро да ме гледаат, а ноќите да ги минуваат покрај мене. Сакав да му се доближам некако, но не знаев како. Сакав да дознаам нешто повеќе за него, да знаам кој е и какви се неговите мечти и соништа. Покрај мене беше Маја, мојата најдобра другарка кој ги познаваше речи си сите момчиња во градот. Помислив дека мора да го познава него.

-Мајо, да не го познаваш оној?

-Кој девојко? На плоштадов има илјадници момчиња.

-Оној, во сива маичка.

-Секако дека го познавам – се насмевна Маја. – Тој е Горјан, Горјан од ’Орде Чопела’.

-Не шегувај се со мене. – ѝ реков удирајќи ја по раката.

-Сакаш да го запознаеш? Ајде, доаѓај со мене. – рече и ми ја фати раката. Ме одвлечка токму пред него. Јас целата треперев додека Маја муабетеше со него и беше изненадена од тоа како наводно случајно го забележала и како тоа ѝ недостигал. Не знаев ни дали навистина надвор е премногу жешко или јас целата горам тука пред него.

-Патем, запознајте се. – му рече нему Маја удирајќи го по раменото.

-Јас сум Горјан, мило ми е. – рече ракувајќи се со мене.

-Ема. – само воздивнав.

-Што е? Не ти се допадна девојкава? – му довикна Маја на уво, додека јас ја стрелав со поглед.

-Секако дека ми се допадна. – се насмевна Горјан.

-Па што чекаш будалче? Побарај ѝ број, покани ја, излезете, забавувајте се!
И така започна сè. Маја беше најголемиот виновник што го доживеав најубавото лето во мојот живот. Кога следниот ден ми се јави Горјан за мене тоа беше шок и неверување. Ме праша дали знам некое убаво место каде што цутат јоргованите. Секако дека постоеше такво, старата куќа во мојата улица со камени скали, а околу нејзе насекаде сè уште се чувствува мирисот на јоргованите. Тука, на тие скали беше нашата прва средба. Зборувавме за обични нешта, го запознав Горјан, а тој успеа да навлезе длабоко во моето срце. Од тогаш научив дека најдобрите и најубавите нешта на светот не можат да се видат, ниту да се допрат, тие мора да се почувствуваат во срцето.

Се дружевме скоро еден месец. Еден месец од летото го минав безгрижно, смеејќи се заедно со Горјан во дворот од старата куќа. На момент и двајцата молчевме. За време на тие мигови ги гледав неговите очи. Чувствував како да тонам во тие зелени очи додека насекаде околу нас се чувствуваше мирисот на јоргованите. Едно попладне тој застана пред мене. Неколку секунди мочеше, а потоа воздивна велејќи ми
-Ема, сакаш да бидеш моја девојка?

После ова знаев дека не смеам да ја пропуштам магијата на овој момент чекајќи да дојде некој поубав. Одговорот беше дека сакам. Тој лежеше длабоко во моето срце. Откако кажав дека сакам скокнав во неговите прегратки. Ова не сакав никако да заврши, не сакав да запре. На момент посакував времето да застане, а јас засекогаш да ги гледам тие насмеани очи. Но некогаш луѓето газат врз времето, а некогаш времето гази нив.

-Која ти е најголема желба? – ме запраша Горјан.

-Да влезам во куќава. – реков.

-Ајде тогаш. – ми ја подаде раката и ме носеше по скалите.

-Навистина мислиш да влеземе? – го гледав чудно.

-Да, нели сакаше да дојдеш?

-Секако дека сакам.– реков. Влеговме заедно. Куќата беше онаква каква што очекував, стара, осамена. Чиниш ѕидовите зборуваат за времето кое одминало, а мебелот беше стар, речи си распаднат. Над креветот во спалната соба имаше безброј светилки. Легнав на креветот, ова место го чувствув како да е мое.

-Ќе сакаш да ги вклучиш светилките?- го замолив Горјан.

-Секако. – промрморе тој и ги уклучи.

-Вао, дојди мора да го видиш ова небо од светилки. – реков. Горјан легна до мене. И двајцата гледавме во старите светилки. Беа толку неверојатни. Тоа навистина личеше на небо, небо од светилки.

-Што би сакала да правиш под ова небо? – ме запраша тој.

-Да бидам секогаш до тебе. – тивко одговорив.

-Во ред. Тогаш твое е. Оваа куќа е сега наша.

-Како тоа? – запрашав целата вобудена. Тогаш Горјан ми ги даде клучевите в рака. Со години стоеле крај стариот прозорец. Не ми се веруваше, но Горјан ме научи дека денес да си среќен значи многу. Миговите изминати со него ќе ги паметам цел живот. Тоа беа едни од најубавите и најнеобичните денови во мојот живот. Не постоеше нешто кое можеше да ми ја уништи среќата или да ја скриши мојата насмевка се додека тој е до мене. Или можеби само така мислев. Можеби престанав да верувам дека на светот сеуште постојат луѓе кои би ја уништиле туѓата среќа на сметка на своето задоволство.

* * *

-Мора да го запознаеш. Тој е оној кој ќе ти ги исполни сништата. – Маја на секаков начин се убедуваше да ме убеди да го запознаам Никифор.

-Штом е така, ајде. – попуштив. Од секогаш мислев дека Горјан е човекот од моите сништа, но изгледа дека сепак сум млада. Маја ме однесе пред него. Мене ми беше сеедно дали ќе го запознаам или не богатото момче кое ќе може да ми ги плаќа студиите по медицина во Бугарија. Цената која требаше да ја платам за да одам на тие студии беше прескапа. Требаше да се откажам од моето момче, но тоа беше единствениот начин да ги остварам своите стремежи и амбиции. Мислев дека тоа е она што го сакав и ништо друго затоа решив да се обидам.

Тоа беше тоа. Изгледа ова го означи крајот на врската меѓу мене и Горјан, но морав да му кажам што планирам, па го викнав да се најдеме на скалите во старата куќа.

-Морам да бидам со него Горјан. Штом ќе ги завршам студиите ќе се вратам овде, ќе бидам повторно твоја.

-А зошто би се вратила?

-Тоа е она што најмногу го сакам, нели знаеш? Знаеш дека ништо од тие студии не ми е поважно.

-Тогаш оди. Искористи ја шансата која ти ја пружа животот. – изусти Горјан и полека зачекори по улицата.
Не, не смеев да му го сторам ова нему, не смеев да бидам ни миг без него. Откако го гледав како полека ја преминува учицата негледајќи назад сакав да погледнам во тие очи уште само еднаш.

– Горајн!- му довикнав. Тој полека се заврти кон мене. Ме погледна натежено. Последно на што се сеќавам од тие мигови беше силниот звук од ударот на колата. По само неколку секунди телото на Грјан лежеше врз асвалтот од нашата улица. Потрчав кон него. Го тргав кон себе извикувајќи го неговото име. Целата бев облеана во солзи. Како одеднаш да го слушав докторот од болницата како ги изговара тие проклети зборови:
-Жал ми е. Сторивме сè што можевме.

Тоа не смееше да се случи. Јас и тој сега требаше да бидиме заедно. Влегов во болничката соба, не бев присебна, не знаев што правам. Не сакав да се збогувам ниту со Горјан ниту со времето мнинато со него. Сè што сакав беше да сум сама на скалите од осамената, стара куќа. Сè одеднаш за мене стана бессмислено, не ги сакав ниту студиите по медицина, ниту богатото момче, не сакав ништо освен тоа да се врати времето. Колку треба да се плати за да биде денес вчера? Ја знае ли некој цената или можеби ќе ја плаќаме цел живот.

*  *  *

Моите родители решија да ме пратат на студии по Англиски јазик во Скопје и решив да го прифатам тоа и да заминам од тука барем на момент. Со себе не ја понесов кутијата на спомените, решив сите слики и видеа да ги оставам овде.

-Карта за Скопје.

-Во еден или два правци? – ме запраша билетарот.

-Во еден. – реков тивко. Сакав сама да го напуштам градот. Неколку минути го чекав возот, а откако пристигна се качив во него. Како што возот го напушташе градот така сфатив дека верност е или да трчаш по некого или да бегаш од некого. Верноста не е доблест. Верноста значи да бидеш слеп од љубов. Каде и да бегаш верноста ќе те стигне на крајот. Размисли пред да се заколнеш во нешто, затоа што сè што започнува со верност на крајот завршува со предавство.

Во моите спомени тој секогаш живее, таму секогаш тој доаѓа кон мене додека јас седам на скалите и го чекам. Таму живее неговата насмевка, неговиот поглед, неговиот глас. Таму секогаш слушам како се смее, секогаш го чувствувам неговиот допир на мојата рака, таму ме гали неговиот поглед додека јас тонам во тие зелени очи.

Животот нè запознава со многу луѓе. Ние избираме со кого ќе останеме, дали со оние кои ќе ни пружат љубов и среќа или со оне кои ќе ни дадат моќ и богатство. Не секогаш го правиме вистинскиот избиор. Некогаш ги повредуваме и оние кои најмногу нè сакаат. Можеби ќе добиеме втора шанса за да се поправиме, но можеби таа шанса никогаш нема да дојде. И еден ден, кога ќе ни смрзне срцето, кога веќе нема да знаеме за себе, луѓето од кои сме барале втора шанска ќе живеат во нас.

Можеби нема да ја избереме љубовта и ќе се одлучиме за моќта, но она што и треба на човековата душа е љубов и среќа. И колку и да бидеме моќни и богати, на крајот секогаш ќе се враќаме онаму каде што сме биле најсреќни… во нашите спомени.

Лина Димоска

Напишете коментар