Skip to content

Корона за време на новогодишните празници – Ана Трпевска

  • by

Овој есеј освои трето место во категорија I на учесници под 18 години. Прочитајте го во продолжение!

Часовникот покажува десет минути до полноќ. Стрелките се движат толку брзо, што не знам дали ќе имам доволно време за сѐ. Чекорам по новата авенија во градот. Безброј мали снегулки се трупаат една над друга. Улиците се празни, нестварни, а морничавата тишина го надополнува мракот. Овде-онде гледам по некоја новогодишна декорација, светилки и украсени дрвја. Празничната атмосфера речиси е потполна. И покрај шарените светилки сепак е мрак, нешто недостасува. Но што? Само луѓето ги нема низ улиците.

Никој не излегува надвор. Некои се загрижени за своето здравје, други за својот буџет. Според одлуката на државниот врв, луѓето ќе ја дочекаат новата година онака какошто ја поминаа старата-дома. Забранети се собири, посети и генерално секој вид движење надвор од домот. Сите ќе ја споделат празничната магија во кругот на семејството, без гламурозни прослави и забави како вообичаено. А точно на полноќ ќе се ракуваат и ќе си посакаат никогаш повеќе да не им се повторам – јас. Ме обвинуваат, знам. Ме прогласија за невидлив непријател кој демнее наоколу.  А во суштина, јас не сум ни најмалку виновен. Напротив, јас им помогнав да ја сфатат суштината на животот… За момент, нешто ја прекинува мачната тишина во далечината. Сирени, звуци на итната помош. Сатурација на кислородот во крвта, погодувате, знам. И додека тој несреќник се бори за живот, илјадници други се благодарни што не се на негово место.

Некои ме преколнуваат, други ме негираат, трети ме презираат. Можеби ме мразат, но јас секојдневно им покажувам на луѓето како треба да го ценат она на што претходно не обрнуваа внимание – животот, спокојството, здравјето и слободата. Ги имаа сите овие нешта, ама не им беа доволни. Постојано се жалеа и продолжуваа со својот расипнички однос. Кога сфатија што значи слободата,повеќе почнаа да го ценат животот. Секојдневните бројки за некои беа само статистика сѐ додека и самите не станаа дел од нив. Други пак постојано ја бараат вината во мене, притоа непочитувајќи ги мерките за заштита. Во изминатиот период се изнаслушав апсурдни теории на заговор и мрачни тајни за моето постоење од сезнајковци кои не веруваат дека сум тука, меѓу нив. Децении наназад луѓето ја натрупуваа мојата мила планета Земја со отпад и пластика.

Зарем мислеа дека тоа ќе остане неказнето? Сега, кога јас нив ги покрив со најлон, сметаат дека сум злобен. Не драги мои луѓе, јас само сум праведен. Сето она зло кое И го нанесовте на Земјата, и кое си го нанесувате едни на други, ви се врати како бумеранг в лице. Природата на чело со мене, ве казни. Прифатете го поразот и извлечете поука од ова. Затоа вечерва како да не е Нова година, туку ден на жалост.

Продолжувам да талкам сам по улиците додека луѓето фрлаат по некој исплашен поглед низ прозорците. Загрижени се. Го гледам очајот и беспомошноста во нивните очи. Се трудат да оддадат впечаток на стабилност и сигурност. Но тоа се само очајнички обиди. А не се ни свесни дека никој друг освен тие самите, не може да им помогне. Снегулките продолжуваат да паѓаат. Формираат мека, бела постела. Амбулантните возила и понатаму пренесуваат пациенти со тешки случаи во болниците. Без традиционалното одбројување, часовникот на централниот плоштад отчукува полноќ. Влеговме во Новата година. Сега ни претстојат нови 365 дена борба. Наредните 52 недели ќе бидат во знакот на глобалната здравствена криза. А главна тема повторно ќе биде коронавирусот, односно јас.

Среќна Нова карантинска година.

Ана Трпевска

Ментор: Ирена Николовскa

Напишете коментар