Skip to content

Корона во време на новогодишните празници – Гордана Каракашевска

  • by

Овој есеј освои трето место во категорија II на учесници над 18 години.

Прославата на Нова година е една од најстарите пагански традиции. Овој обичај не се менува скоро 4000 години. Скоро и да не постои народ во минатото или сегашноста кој што не ја слави Нова година. Во денешно време за Новогодишните празници се „давиме“ во литри алкохол и став – убаво помини си за Нова година и сврти нова страница во својот живот. Но, ништо нема да е како некогаш во дочекувањето на оваа Нова година од причина што во оваа 2020 година ништо не е како што било порано. Во светот владее пандемија на Корона вирус. Владее стравот за сопственото здравје, за сопствениот живот и животот на најблиските. Маските ни ги покриваат устата и носот, ни ја кријат насмевката. Само очите светат. Очи полни со страв.

Дистанцата меѓу луѓето е „новото нормално“. Но, ни недостигаат прегратките, дружењето со пријателите, пиењето кафе после работното време, годишните одмори, одењето во кино за време на викендите, толку многу, премногу ни недостига животот од порано. Велиме: „Само да помине, да помине оваа пандемија, да сме живи и здрави, повторно ќе се дружиме, повторно ќе се видиме како некогаш, пак ќе се вратиме во нашето старо „нормално“. Во последните дваесетина години Лондон важи за град во кој Новогодишната забава е најдобра.

Повеќе од 100 000 илјади луѓе се собираа по течението на реката Темза а над „Биг Бен“ небото беше запалено со 2000 ракети што правеа спектакуларен огномет. Оваа претстава ја чини градската каса 3 милиони фунти. Но, оваа година градоначалникот Садик Кан изјави дека не можат да дозволат луѓето да се собираат, да си честитаат едни на други и да го шират вирусот. Нема да има голема забава на плоштадот „Трафелгер“.

Во Њујорк традицијата на спуштање на стаклената топка на „Тајмс Сквер“ датира од 1907 година. Оваа година тоа ќе може да се следи само на ТВ–екраните или на интернет затоа што полицијата го забрани влезот на плоштадот. Полицијата ќе има за задача и да ги спречи сите оние што ќе се обидат да одат на заливот со намера да го гледаат огнометот.За многумина, животниот сон е Новогодишните празници да ги поминат  во Рио де Женеиро и да бидат меѓу трите милиони Бразилци облечени во бело, кои играат до зори. Оваа година полицијата ќе ги чува плажите од инвазија на луѓе што се подготвени да слават. Карневалот во Рио де Женеири беше откажан првпат оваа година од 1912 година, кога првпат се одржа.
Сепак, Филхармонијата на Виена ќе го одржи традиционалниот Новогодишен  концерт на први Јануари.

„Каква мизерна година, какво време да се биде жив “ – пее популарниот пејач Роби Вилијамс во неговата нова божиќна песна за Ковид – 19 насловена „Can`t stop Christmas“ и продолжува: „За жал, некои пријатели исчезнаа, никогаш порано не било вака, како да сме во војна. Дедо Мраз е на санка , но сега и тој е на два метара растојание. На луѓето ќе им треба нешто во што ќе веруваат по една ваква година. Сепак, ништо нема да го запре Божиќ, нема шанси.“

Ја слушам песната повторно и иако музиката е брза и со новогодишен ритам, јас чувствувам тага. Ја нема новогодишната еуфорија како порано. Никој не прашува „Каде за Нова година?“ Елката кога ќе ја украсиме? Велат дека точно на полноќ, кога доаѓа новиот свет, Нова година прозборува со сопствен глас. На полноќ ќе започне ли заглушувачка врева како лани? Ќе се отвараат ли шишиња со шампањско, ќе ечи ли смеа, смеа… желби и бакнежи, петарди по улиците ќе пукаат ли? Од таква силна врева не можеме да го слушнеме таинствениот глас на Нова година. „Среќна Нова година“ си велиме еден на друг и тој глас се губи. Кога ќе отчука полноќ една година умира а се раѓа друга.

Луѓето слават. Смеа и врева стигнуваат дури до најтажните места ширејќи надеж и веселба. Потоа се вовлекуваме во креветите знаејќи дека Јануари е најважниот месец. Неговата важност се крие во почетокот, во првиот ден, во првиот час, во првата минута и токму тука е скриена една длабока вистинска мудрост – подобро да не знаеме каква ќе биде иднината за да можеме да и се препуштиме на надежта. Надежта е најважна. Ќе посакаме желби, како некогаш. Ќе си честитаме како и лани. Ќе пишуваме Новогодишни пораки исто како и порано. Ако здравјето е најважно, среќата најпотребна а љубовта неопходна, најискрено ќе посакаме тоа да биде дел до нашите животи во оваа Нова 2021 година. Заедно со нашите најблиски ќе посакаме многу незаборавни моменти на среќа, радост, успех и многу, многу здравје. Ќе се гушнеме и на цел глас среќни ќе извикаме „СРЕЌНА НОВА ГОДИНА.“

Гордана Каракашевска

Напишете коментар