Skip to content

Парче лето во зима – Анастасија Лефкоска

Конечно заврна снег. Стоев на прозорецот и немо гледав како белите снегулки ги допираат листовите на сарделите оставени на другата страна од стаклото. “Треба да ги внесам внатре.” Си помислив, ама не се ни помрднав. Снегот за првпат во животот ме маѓепса. За првпат во животот ми беше јасна целата таа филозофија за зимата. Сите тие тажни, меланхолични сонети напишани од сите мои колеги токму во зима. Јасно ми стана оваа година зошто поетите ко лебеди и гулаби расплакани умираат токму во оној момент кога ќе падне снегот.

Никогаш, барем не досега, не успеав да го разберам “лудилото” на Вирџинија. Очајот на интровертите за да го пронајдат тоа парче лето во таа белина. Годинава и јас го почувствував истиот тој “поетски” студ. Ко и водата што капеше од стреата што се претвори во шилести, кристални мразулци, така и срцето и душата ми замрзнаа. Сама си го направив тоа, зедов сѐ што чувствувам и свесно, болно, на крај дури и трагично го откорнав од себе. Сама на себеси си го искршив срцето, за никогаш повторно тоа да не може да го направи некој друг. Очекував сѐ. И да плачам и да умирам и животот да ми запре и никогаш да не заспијам. Ама, солза не пуштив. Студот навлезе во пукнатините ко што воздух влегува во белите дробови и замрзнав. Не умрев. Животот продолжи.

Првата вечер и сите вечери ко неа, ко и секогаш изутрина заспав, единствената разлика беше тоа што едно име од соништата беше избришано, а соништата од боја се претворија во црно – бело. Снегот сѐ уште паѓа. Ја спуштам чашата кафе на дрвената рамка. Сарделите треба да се внесат дома. Го облекувам капутот и од крајчето на окото ја гледам на масата црвената роза – подарок од еден невозможен инает. Се насмевнувам и покрај студот одвнатре. Ми текнува тогаш на разговорот од пред неколку дена.
“Ми го бараш срцето? На парчиња е. Одбери делче, ама пази. Остро е. Ќе те исече. Душата ли? Ја дадов одамна. Не ми треба, од годинава живеам само за парче лето во зимата.”

Напишете коментар