Skip to content

Митот за раѓањето на Афродита

Афродита (старогрчки: Ἀφροδίτη) — старогрчка божица на убавината, сензуалната љубов и плодноста. Значењето на нејзиното име е непознато, иако старите Грци верувале дека тоа се однесува на пената. Многу е веројатно дека ова верување произлегува од приказната за нејзиното раѓање.

Родена од морската пена

Според едно старо предание, кое го застапувал и Хомер, таа била ќерка на Зевс и Диона; а според поново, кон кое се придржувал Хесиод, родена е од морска пена (ἀφρός) која се создала кога Крон ги фрлил гениталиите на Уран во морето.

Веднаш по раѓањето, излегла од морето на брегот на островот Кипар. Одовде нејзините атрибути се: Ἀφρογενεια (родена од пена), Αναδυόμενη (која се појавува, излегува), Κυπρογένεια (родена на Кипар).

Божицата Афродита била особено почитувана на островите Китера и Кипар, како и на кипарскиот град Пафос, каде бил изграден голем храм во нејзина чест.

Божица на плодноста

Првично, кипарската Афродита, најверојатно, била божица на плодноста, многу слична на блискоисточната божица Иштар-Астарта. Појавувајќи се меѓу Грците, таа била персонифицирана со сексуалност и усрдно обожувана како на универзална сила. Многу локални светилишта посветени  на неа биле изградени ширум копнениот дел на Грција, а нејзините култови различно се менувале од место до место. Во некои области, Афродита била сметана дури и како божица на војната, што можеби било поттик за нејзината поврзаност со богот на војната, Арес.

Имала каиш кој имал волшебна моќ

Посебната моќ на Афродита да ги привлекува мажите се припишува на нејзиниот каиш кој имал волшебна моќ. Љубоморно го чувала каишот и не дозволувала да го позајми на другите божици сметајќи се себе си за најубавата. Таа долго време била главно божество на Коринт, во Спарта, Теспија и во Атина, но подоцните Хелени ѝ го намалиле значењето.

Многу подоцна, во класичниот период, култот кон Афродита добил современо сфаќање, според кое, таа е надлежна за сексуалната привлечност и љубовното задоволство (τα Αφροδίσια).

Потекнува од југозападна Азија

Идејата и култот на божицата на љубовта која се раѓа од морето потекнува од југозападна Азија, а во Стара Грција, веројатно, преминал меѓу 1200 и 900 п.н.е., со посредство на поморските трговци на бакар. Тоа е заклучено врз основа на многубројните нејзини светилишта на многу грчки острови, недалеку од брегот на Мала Азија.

Била почитувана пред Грците

Митот за Афродита како потомка на титаните, по се изгледа, се однесува на божицата чиј култ бил почитуван пред Грците. Доаѓајќи од северен правец, племињата од кои подоцна се образувале Грците ја присвоиле во олимпиското семејство како ќерка на Зевс и Диона.

Првобитно, Афродита била персонифицирана како создавачка моќ на природата, која од влагата ги раѓа сите плодови на земјата. Но, тоа чудно обележје исчезнало, отстапувајќи ѝ место на онаа Афродита која се сметала за „национално“ божество на сите Грци.

Бидејќи нејзиниот култ се раширил низ Средоземјето, таа, своевремено, е почитувана и како божица која ветувала добар пат по морето (Α. Ευπλοια).

Таа му била жена на Хефест и мајка на тројанскиот јунак Енеј

На свадбата на Пелеј и Тетида (родителите на Ахил) биле поканети сите богови и божици освен Ерида (божица на неслогата). Поради тоа, Ерида многу се налутила и непоканета отишла на свадбата и меѓу божиците фрлила златно јаболко на кое било напишано „За најубавата“. Божиците Хера, Атина и Афродита, сметајќи секоја дека е најубава, се фрлиле по јаболкото и се скарале. Зевс тогаш им наредил да одат кај младиот јунак Парис, кој требал да пресуди која од нив е најубава. Хера му ветила огромно богатство и власт, Атина мудрост и слава, а Афродита му ја ветила најубавата жена. Парис тогаш ѝ го фрлил јаболкото на Афродита. Со нејзина помош, Парис ја одвел Елена во Троја и тоа било причина за тројанската војна.

Исто така, била наречена Киприс или Китерка, според двете места во кои се тврди дека била родена (островите Китера и Кипар). Животни посветени во нејзина чест се врапчето, гулабот и лебедот. Нејзин пандан во римската митологија е божицата Венера.

Арес и Афродита

Во Хомеровата одисеја, Алкеј пее за митовите. Хелије ги гледал Арес и Афродита тајно како уживаат еден во друг. Тој го пријавил тоа на Олимпискиот совет, а Хефест предложил да ги фати на дело и направил мрежа со која имал намера да ги зароби прељубниците. Во точно определено време, Хефест ја фрлил мрежата и ги заробил.

Но, Хефест не бил задоволен од својата одмазда, тој ги поканил сите олимписки богови и божици да ја видат двојката. Божиците одбиле, но боговите дошле и ја коментирале убавината на Афродита и дека со задоволство би се смениле со Арес. Откако биле ослободени, Арес избегал во својата татковина Тракија. Арес морал да плати за прељубата, а Хефест најверојатно се развел од Афродита и ја вратил на својот татко.

Во друга верзија на приказната, Арес го поставил Алектрион да ги чува, но тој заспал. Арес подоцна го претворил во пејач, па тој беше осуден да објавува за изгрејсонцето секој ден. Покрај Дим и Фебус, Афродита му ги роди Ерос и Антерос, кои ги наследија добрите квалитети на Афродита, а исто така и ќерката Хармонија.

Прочитајте го и Митот за Пелопс и Хиподамија.

Напишете коментар