Skip to content

Феникс – Анастасија Лефкоска

Болна и тешка ми беше смртта. Сега вака кога се навраќам наназад, мислам дека беше почната уште од минатиот јули. Куршумот беше последната гребнатинка што ова мое исцртано тело можеше да ја издржи. За да биде уште сѐ помелодраматично, ти умрев на рацете. За разлика од раѓањето при кое што јас те молев да ме чуваш, на умирачката ти молеше да не те оставам ама попусто, на глуви уши падна сѐ тоа. Веќе го имав издишано последниот здив, срцето рането престана да чука, душата излезе од телото и веќе не ѝ беше гајле дали името твое некогаш болело. Умрев на сред сјајот и жагорот, на сред љубовта и успехот. Црна темнина ме обви и студенило. Отсекогаш знаев дека ќе биде вака, јас веќе мртва од чувствата што се собираа, а ти при сопствено раѓање ми го прегрнуваш згрченото тело.

Прашувај сега. Џабе прашувај. Немам усни ништо да ти кажам, немам сила да те допрам, немам желба да те бакнам. Ајде прашувај сега. Прашувај ја школката глува што од мене в раце ти остана. Ти беше убаво нели? Некој да те сонува. На сред бел ден ѕвезди да ти слегува, слепо на сѐ што ќе кажеш и ќе премолчиш да ти верува. Ти беше убаво сегде каде што ќе одиш на черга да газиш, кал со чизмите да не допреш. Прашај ме сега. Прашај ме сега за сѐ она што се трудев, а никогаш не успеав да ти го кажам. Прашај ме и види дали ќе добиеш одговор. Прашај ме… Не можеш нели? Мртво тело не одговара, ослободена душа маките си ги заборава.

Не плачи над мене. Не лелекај. Во спомен ти оставив делови од себе, ако некогаш те стиснат градите отвори ги, присети се, молитва некоја тивко за мене прошепоти. А и не мораш. Можам јас и без тоа. Исто ми се фаќа. Се навикнав јас на безнадежност, всушност сега и безнадежноста ми е храна. Не сум веќе испод измама за да го добијам она што мислам дека ми припаѓа.
Артемис. Умрев. Пушти ме. Пушти ми го телото. Всушност, кремирај го за да не се повампирам, не ветувам дека нема повторно да станам. И немој со оние клишеа “ангел си отиде”. Знаеме и јас и ти дека долу дупките запалени ме чекаат. Ако. Прифаќам. И полоши работи до пред смртта преживеав.

Чекорев бавно но сигурно, црна кошула, црн капут, црно одело. Во рацете чаша богато шампањско. Ја отворив вратата на балската сала со ѓаволска насмевка. Не ни допреа шокираните извици на сите присутни до мене. Пивнав задоволно од чашата гледајќи те како на средина на подиумот го прегрнуваш моето минато тело. Чаршафот со крв веќе распослан долу, солзите пресушени на образите закоравени.
“Артемис.” зајадливо ти го изговорив името и се засмеав на она што пред себе го здогледав. Очите вчудоневидени, ококоравени. “Како?” Изусти. Погледна надолу, низ прстите ти се слеваше пепел. Се втрча да ме прегрнеш ама некоја невидлива сила околу мене не ти дозволуваше. Се засмеав посилно. Мислам дека не разбираше во целост. Тенка е линијата меѓу љубовта и рамнодушноста. На крај таа ме претвори во демон.
“Ти кажав дека завршив.” Изговорив. “Еве и почнав пак. Гледаш, нели? Умрев, не можеа доле да ме изгорат, па се преродив во Феникс.”

Прочитајте го и првиот дел од оваа кратка приказна.

Напишете коментар