Skip to content

Кога ѕвездите ќе ја надвладеат ноќта! – Софија Величковска

  • by

Знаете.. Чувството не е чувство ако не ви создаде мала доза на немир. И знаете, агонијата не е агонија ако не ви направи неред во душата, неред од кој подоцна многу тешко ќе се средите. Понекогаш ѕвездите толку нè ослепуваат, што не можеме да ги видиме осветлените излози на ноќните блудни патувања. И упорно и толку многу сме упорни и толку многу мечтаеме сè дур сонот реалност не стане..

А потоа, одново и одново се главиме во друг сон. Им се молиме на звездите, а тие да ни биле оние жолти фенерчиња што кога е најтемно ни помагаат да се извлечеме од бесцелното чекорење.

Сепак.. Тоа чекорење, талкање, губење во неверојатно густо-испреплетените ѕвезди ни дава мир. А знаеме дека мирот ни ја одмара душата. Ни ги одмара црвените очи кои веќе изгореле од толку прелеани солзи. Ни ја одмара силуеатата која нè потсетува дека постоиме за да се бориме, се бориме за да живееме во овој мрачен свет избоен со некакви си чудно измешани ахроматски бои. Овој живот ни дава за право сурово да се бориме, оти млаката  нестабилна борба е само за кукавици.

Сега е толку студено и непредвидливо што нашето време го посветуваме на ѕвездите. Еве на пример.. Седите до вашиот прозорец. На креветот имате неколку пријатни изданија, нови книги за кои едвај сте издвоиле време поради работата што ја имате. Расфрлани се така и толку сте збунети што не можете да си одлучите во  која приказна да влезете.

Погледот го фрлате преку прозорецот. Ги гледате осамените ѕвезди како силно нетрплевио блескаат во ноќта и тоа е тоа. После триесетина секунди непрестано зјапање во ѕвездите вие ги затворате прекрасните збунети очиња. И во тој момент помислувате на една работа. Епа драги мои.. Тоа што сте го помислиле поврзете го со една од тие книги, едноставно проверете која книга е најблиску до вашата мала моментална  визија и започнете со неа. Во тој момент ќе сфатите дека ѕвездите не ја надвладеале само ноќта, туку и вашиот збунет ум.

Нивната моќ колебливо навлегува во вашата скриена мисловна перцепција. Нивната светлина владее низ вечерните студени приспивни часови. А што со вас? Што со мене? Ние цела ноќ остануваме будни небаре чекаме некого, чекаме нешто. Ние доцна во ноќта грабаме ѕвездени прашинки, смислуваме нови песни, ги читаме најдобрите книги, ние…

Да, ние пред да потонеме во сон, во мислите испарува само една кратка мисла: ,,Ѕвездите ја окупираа темнината, ѕвездите го заробија нашиот ум, ѕвездите ни помогнаа да лебиме во прекрасен невин сон”!

Софија Величковска

Напишете коментар