Skip to content

Љубовта нема граници и не познава религии

Седам удобно сместена во мојата омилена фотелја. Евоцирам спомени гледајќи во единствената и избледена заедничка фотографија од мене и моите родители. Што може да прави седумдесет и пет годишна старица, осамена која е на прагот на смртта? Родена неколку месеци после завршување на Втората светска војна. Ја гледам и не се сеќавам кој ја направил бидејќи на фотографијата имам едвај пет години. За момент се чувствувам како малечко девојче кое допрва треба да ги осознова суровостите на светот.

Знам дека ги сакав моите родители, им бев единствена ќерка и единствено дете кое го имаа. Ја немав таа среќа да растам во многудетно семејство. Никогаш нема да ми биде пополнета празнината што ја чувствував додека растев. Не знам зошто моите не посакале друго дете после мене. Никогаш не успеав да ги прашам. Повторно сум малечко девојче од шест годинки. Додека сите мои врсници си играат со своите браќа и сестри јас ѝ зборував на куклата и потоа одговарав во нејзино име. Замислував дека е жива и дека водиме дијалог, ѝ дадов име: „Анелија“. Таа ми беше сестрата што никогаш ја немав, а проклето сакав да постоеше.

Секогаш пред да заспијам ѝ кажував што ми се случило во текот на денот. Престанав да играм со други играчки, но од нејзе не можев да се разделам.
За мене таа беше повеќе од играчка, јас ја направив пожива од сите предмети наоколу. „Ако некогаш имам ќерка, ќе се вика како неа“, си мислев секогаш кога ќе помислев на неа и моето детство. Кога веќе бев возрасна девојка, завршив средно и се вработив како дактилографка. За време на една од паузите за појадок додека чекав ред да си купам јадење, го здогледав него. Седеше на клупа во близина на пекарата, читаше весник и беше задлабочен во листовите пред него. Го набљудував кратко, а потоа го тргав погледот.

Се чинеше дека тоа што го читаше беше премногу интересно. Толку интересно за да заборавиш на светот и луѓето околу тебе. Повторно го погледнав, но сега тој го дигна погледот нагоре. Изгледа почувствувал дека нечии очи се вперени во него, ја сврте главата и погледите ни се сретнаа. Дали беше љубов на прв поглед не знам, но знаев дека тие очи сакам повторно да ги видам. Срамежливо му се насмевнав и набрзо ја свртив главата бидејќи тогаш првпат се осмелив на човек што не го познавам да му упатам насмевка гледајќи го директно во очи. Кратко, но изгледа било сосема доволно за да му оставам впечаток. Наредните неколку недели секогаш за време на мојата пауза одев во истата пекара да си купам појадок. А тој секогаш на исто место седеше на клупата и го читаше весникот.

Си крадевме погледи и насмевки, сè додека едно утро тој не собра храброст и ми се доближи. Бев тргнала да чекам ред, како секогаш. Застана зад мене смешкајќи се. Откако купивме пецива јас се упатив кон канцеларијата. Тогаш тој ме праша дали би ми пречело ако денес заедно го изедеме појадокот. Не можев да го одбијам, потајно посакував да ми пријде уште од првиот ден! Му го дознав името, тој црномурест човек се викал Рафаел, подоцна ми кажа дека бил крстен по дедо му. Беше Евреин, имаше еврејско потекло, но и тажна животна приказна. Подоцна ми ја раскажа целата, дел од неговото сеќавање, дел од тоа што му раскажувале. Како што го слушав така ми стануваше подраг и поблизок. Нашето дружење траеше речиси цела година. Одевме еден покрај друг, понекогаш се држевме за рака.

Еднаш кога ме испраќаше дома ми кажа дека сака да му бидам жена. „Сакам да бидеш покрај мене цел живот, ајде да се земеме“, ми рече. „Сериозен си? Нели е многу рано?“, го прашав иако истата желба гореше во мене. Истиот ден им раскажав на моите дека сум вљубена во Рафаел и дека тој сака да побара нивна дозвола за да се венчаме. Тогаш настанаа нашите проблеми, отпор, негодување. Моите никако не сакаа да прифатат единствената ќерка да им се омажи за човек од различна религија, незамисливо им беше. Ми кажаа еден куп причини зошто никогаш нема да го дозволат тој брак. Една од нив беше: „Ќе го извалкаш образот на семејството, цело маало ќе нè оговара“. Навистина не ги разбирав, како можеше мојата среќа и мојот живот да зависат од туѓите мислења?

Следниот ден му кажав на Рафаел, не сакав да го лажам. Тогаш ми предложи да избегам со него. Цела вечер се мислев што да правам, дали да бидам послушна ќерка и никогаш да не се омажам за него или да избегам во негови прегратки и да делиме добро и лошо по цена никогаш да не ги видам сопствените родители? Одлуката беше донесена следното утро. Ги договоривме деталите околу бегањето. Се случи во петок после моето работно време, наместо да си одам дома, јас со претходно спакуваната мала торба си појдов во домот на Рафаел. Неговите знаеја за нас и не се противеа на нашата одлука. Среќата на нивниот син им беше најважна и одлуката ја почитуваа.

Тогаш официјално и моите се откажаа од мене, не ме признаваа за нивна ќерка. Никогаш повеќе не се вратив во мојот дом каде што израснав. Знаејќи за тажната историја на предците на Рафаел, принудното влегување на бураските окупатори и пренесувањето во Треблинка за време на Втората светска војна, имав длабока почит кон неговите. Нивните родители доживувале многу неправди. Им билe забранувани посети во ресторани, морале да бидат обележани со давидова ѕвезда за да се разликуваат од другите. Ужасите оставиле длабока рана во нивните животи, затоа беа многу поинакви од моите родители, од останатите луѓе. Облеков невестински фустан којшто го носела мајка му на Рафаел кога се мажела за неговиот татко. Убаво ми стоеше, ми беше точен. Ставивме бурми и симболично го крунисавме нашиот брак, без некои посебни церемонии.

Поминаа неколку години од тогаш, бевме среќни, уживавме во брачната заедница, имавме поддршка од неговите родители. Имавме сè што замислувавме, но дел од нас посакуваше да добиеме дете, да оставиме потомци. Минуваа годините, не можевме да зачнеме. Се јавуваше фрустрација и стрес бидејќи двајцата бевме навлезени во средината на триесеттите. Покрај тешкотиите, исчекувањето и огромната желба да станеме родители, не престанав да го сакам.  Рафаел ја кажуваше нивната позната изрека: „Со секое дете, светот започнува одново.“ Сакаше светот одново да почне за нас двајца. Ме тешеше: „Кога ќе ни се насевне среќата, ќе започне нов свет, па после уште еден по него.“

Му се насмевнував безнадежно знаејќи дека еден од нас е јалов штом после толкав период не можам да останам бремена. Срцето ми се кинеше од помислата дека нема да родам. Заспивав со грутка во грло и се прашував зошто Бог ако постоеше нè казни на таков начин. Зар толкава љубов да не биде крунисана со нов живот? Живот кој ќе произлезеше од нас, кој ќе вдахнеше живост во нашите денови, малку среќа и нова надеж. Залудни беа сите обиди, надежта умираше полека. Ние веќе се помиривме со фактот дека нема да оставиме наследници. Во маката станавме уште поблиски, посплотени и се држевме заедно. Се помиривме со судбината или со она што требало да биде.

Тоа беше нашиот пат по кој чекоревме заедно, држејќи се за дланка, чувајќи си го грбот еден на друг. Рафаел почина некоја година пред да навлезе во осмата деценија. Тој е уште присутен насекаде околу мене. Во нашиот дом се чувствува неговото присуство во секој агол од просториите. До неговиот последен здив го сакав, го сакам сè уште. Впрочем ќе го љубам до мојот последен здив без оглед што среќата никогаш докрај не ни се насмевна. Ние бевме некомплетно семејство, двајца среќници, вљубени неизмерно и безгранично кои не можеа таа љубов да ја прошират и да ја умножат со нови светови.

И по толку години не чувствувам каење што избегав за него. Да го вратам времето назад повторно истото би го направила. Бидејќи тој знаеше да сака, беше несебичен, бескрајно благодарен што остаревме заедно покрај сите предизвици. Со гордост исполнета со спокојство можам да кажам дека љубовта победи. А во нашата животна приказна љубовта немаше граници, ниту познаваше религии.

Наталија Наумовска

Напишете коментар