Skip to content

Тивкиот шнајдер – Маја Малиновска

Тоа утро Рафаел изѕемна од студ. Градот се тресеше од ситните рафали кои провејуваа низ ноќта. Бугарските војници сееа страв низ градот под Пелистер.

Утрото го разбуди еден шрапнел и тој скокна, но набргу реши да поспие уште малку за да има сила да издржи дента. Го чекаше многу работа. Требаше да дојде Сотир за земање мерка за костумот. Се ближеше неговата свадба и мораше да побрза  со шиењето.

Беше еден од најдобрите шнајдери во градот. Сотир веќе кажа дека сака  дворедно машки палто со шест седефни копчиња. Знаеше дека тоа ќе му зададе мака, но беше искусен и прочуен шнајдер и денес требаше да ја земе последната мерка пред да го заврши. Беше малку возбуден и нестрплив да го види Сотир облечен како зет.

Тргна накај чаршијата кога забележа поголема раздвиженост. Војници имаше секој ден, но тој ден имаше повеќе од обично и влегуваа низ дуќаните како да бараа некој.  Рафаел сe исплаши, но реши да отиде до дуќанот.

Ги отвори ќепенците, нарача едно кафе да се расони и седна да го јаде ѓеврекот што го купи од Рахим, од каде купуваше секое утро. Уживаше во кафето, кога дојде Сотир.

„Добро утро, чичко Рафаел, еве дојдов како што се договоривме. Имам работа знаеш, но  морав да дојдам,свадбата е за две недели и мора да завршиме за неколку дена со костумов. “

„Да, Сотир да земиме мера, нема да одземе време, знаеш дека е брза работа. “

Сотир се загледа во жолтата ѕвезда на палтото на Рафаел. Го пресече нешто во грлото и почна да се срами самиот од себеси. Од тоа што припаѓаше на човечкиот род.

„Добар ден! Рафаел Мена? “ – згрми еден војник влегувајќи во дуќанот на Рафаел.

„Да, јас сум. “

„Треба да дојдете со нас во Комесиријатот да пополните формулар за имотна состојба. “

„Сега?“

„Да, сега во моментов, ајде пред нас. “

Рафаел набрзина исчезна од дуќанот оставајќи го Сотир сам, зачуден и нем од болка.

„Палтото си го заборави, чичко Сотир , надвор е ладно – тивко прошепоти. Го крена да го стави на закачалката . Ја виде жолтата ѕвезда на ракавот од палтото.

Знаеше дека Рафаел мора да ја носи заради своето еврејско потекло, знаеше дека таа е Давидова ѕвезда, дека Евреите се потомци на кралот Давид. Но, зошто мора да бидат вака обележани?

Ќе прави свадба, сега во ова време – невреме. Се очекуваше набрзо да се случи и геотизација на Евреите, тие со кои се дружеше уште од најраното детство, а сега, сега којзнае што ќе се случи. Црни вести доаѓаа од сите страни. Случката со Рафаел видно го вознемири, но реши да дојде после работа за да види што се случило.

Рафаел не сакаше многу да зборува. Се гледаше мракот во неговите очи и болката која ја прикриваше. Набрзина му зеде последна мера и му кажа да дојде за три дена и да го пробаат костимот.

Сотир како да претчувствуваше некоја тага која го обзеде од тој ден. Дали тагата доаѓаше пред неговата свадба?

Веруваше дека тагата и среќата секогаш одат рака под рака. Но, оваа беше некоја друга тага,  тага за цел еден народ, цела една нација. Оваа тага беше поинаква. Оваа тага не можеше да се собере само во едно срце, во една душа.

Имаше голема почит кон Рафаел и неговата мајсторија. Сега, кога сите се плашеа да влезат во неговиот дуќан , тој горде влезе и  на сите им кажуваше дека костимот му го направи мајсторот Рафаел и беше горд зет.

Набргу дозна дека Евреите ќе ги носат на север. Најверојатно Полска на принудна работа. Не можеше да поверува. Дозна дека Рафаел го однеле, дека веќе нема да го види.

Тогаш знаеше зошто тој ден ја почувствува таа тага. Тоа беше само едно горко претчувство.

Костимот го носеше во секоја пригода кога можеше и се сеќаваше на Рафаел, тивкиот кројач кој достоинствено замина во вечноста.

Маја Малиновска

Напишете коментар