Skip to content

Со крстот на грбот – СП Апостол

  • by

И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.“  (Марко 8, 34)

Колку може да тежи дрвото на крстот кој треба да го понесам за љубениот ми Исус, за да треба да го потенцирам моето херојство кое сум го ставил на пиедестал затоа што сум поткренал нешто потешко од моите сили. Ако тоа се мери во тони ќе бидам треба да бидам силен како машината која ги создава облакодерите. И со тоа и предмет на восхит на безработниците погрешно запознаени со поимот на човечката моќ. Ако тоа се мери со грамови ќе треба да бидам безначаен бидејќи таков напор му доликува и на едно дете кое со два прста би го подигнало како сопствената играчка.

Ако неговата тежина е немерлива, тогаш веќе започнува монологот за вистината околу носењето на крстот, причините за и последиците од тоа. И воопшто незамисливата радост на крајот. Ако како што Отец рекол дека најголем противник на човекот му е самиот тој и најголемата победа со Божја помош е онаа кога се победиш себеси, тогаш не преостанува ништо друго туку на крстот свој да си се ставам јас, оној стариот, необновениот, сè уште сонливиот. Материјата дрво нема некоја особена волшебна моќ да променува. Но самата излечива природа на крстот како симбол на кој Спасителот ги презел сите наши гревови, го одзел осилото од смртта и го помирил светот со Таткото, е веќе нешто друго. Всушност најсилната платформа на која може да се изврши најважната трансформација на најосетливиот дел човекот, душата.

Не е тешка одлука што би ставил на крстот од мене, барем за мојот степен на разумност заштитена со чиста совест и љубов кон небесното. Со задоволство би се одделил од лакомоста, похотта, злобата, бесот, гневот… Ќе ги расфрлам од себе како ветрот лисјата во есен, посебно оние гнилежните, и око нема да ми трепне. Нема да се загрижам за како она што од мене се откинало, туку повеќе како нешто негодно, што ми предизвикувало болка и покрај уживањето. Што ме прободувало и покрај сластувањето, што ме прогонувало и покрај славољубјето. Кога ќе бидам без нив нема да ми недостасуваат ниту во темните ноќи кога молитвата ќе биде непречена од нивните гадости. Ниту во раните зори каде изгревот на новиот живот би бил затемнет од нивните подлости.

Што ќе остане во мене после нив? Кротоста, смиреноста, долготрпеливоста, добрината… Ќе уживам во нивното друштво во секој момент од нивната окупација на мојата душа, ќе ја пренесувам харизмата од нивното дејство врз ближниот кој дошол за утеха. Ќе му објавам војна на лукавиот и неговите скапоцености. Ќе ѝ забранам на тагата да ја посетува мојата душа кога сум раслабен. Ќе бидам радосен зошто сум поразен од светот и никогаш не сум во првите. Помирен дека го немам она што крадецот краде, а молецот нагризува. Трпелив да добијам она што ниту око видело, ниту уво слушнало. Со еден збор, она што Бог го планирал креирајќи го Адама.

Кога Исус ги повика сите, им рече кој што сака да врви по Него да се одрече од себеси. Се откажувам, не се познавам, не се признавам, се заборавам, ќе се омразам. И она што сакам добро да правам, не го правам тоа, туку тоа што не сакам да го правам, злото. Но, ниту злото не го правам јас оти не го сакам, туку го прави гревот што живее во мене. Знам дека во мене, во моето тело не живее доброто. Навистина желба за добро има, но не и сила да го правам тоа. Со умот свој му служам на Божјиот закон, додека со телото на гревовниот закон. Доволна причина да се одречеш од себеси.

Кога Исус ги повика сите, им рече кој што сака да врви по Него да го земе крстот свој. Навистина овој мојов се мерел во тони, не можам да мрднам под неговиот товар. Ме притиска лакомоста со својата мрснотија, похотта со својата испотеност, злобата со својата исцрнетост. Бесот со својата јаростеност, гневот со својата избезуменост. Ме гмечат кон земјата, кон дупката на гробот или огненото езеро, и не обрнуваат внимание на моите лелекања.

Колку сум бил несреќен, кој ќе ме спаси од оваа погибија? Се обидоа да ме подигнат кротоста со својата мирнотија. Смиреноста со својата помиреност, долготрпеливоста со својата утешливост, добрината со својата надежливост. Не се подигна ниту милиметар, но барем престана да ме води кон бездната на пеколот. Стоеше на ниво нивелирано под либела, на кое можев да здивнам и се помолам. За кратко крстот веќе тежеше во грамови, се подигна како од дете играчка, веројатно поради сенката во заминување во која се наѕираа контурите на Јагнето.

СП Апостол

Напишете коментар