Skip to content

По трагите на врховниот словенски бог

За разлика од грчката, египетската и римската митологија, има многу помалку автентични извори за религијата на Старите Словени. Причината е едноставна: постојат многу помалку пишани извори, а некои од нив се недоволно јасни. Уништени се и некои драгоцени материјали од тоа време. Ќе го споменеме само вандалското разрушување на храмот на Световид од страна на Данците во 1168 година. Тоа практично го означува самракот на словенското паганство. Но сѐ уште можеме да се потпреме на некои релевантни извори, без притоа да ја занемариме и народната традиција. Таа нуди непресушни материјали за една задоволителна реконструкција на високата словенска митологија.

Громовникот Перун

Германскиот историчар и свештеник од 12 век, Хелмолд, кој играл активна ролја во христијанизацијата на полапските Словени, меѓу другото, забележува:

„Меѓу разните богови на кои им се припишува власт над полињата, шумите, над тагите и веселбите, тие (Словените) не одрекуваат дека еден бог заповеда одозгора, од небото над сите останати. Тој семоќен бог се занимава само со небесните работи. Сите останати имаат посебно занимање и работа, та нему му се покоруваат. Тие произлегуваат од неговата крв и важни се онолку колку што се блиску до овој бог на боговите.“

Нема сомневање дека Перун бил почитуван како божество од највисок ранг. Иако постојат историчари што сметаат дека се работи за Перун, работите ги комплицираат други нешта. Карактеристиките на Перун се пренесени на Свети Илија, но не и на христијанскиот Господ Бог. Да ги земеме предвид и зборовите на хроничарот Нестор, за заклучувањето договори меѓу Русите и Византијците во 10 век:

„Оние Руси христијани што ќе го прекршат овој договор, да бидат казнети од семоќниот Бог, а оние што не се крстени, да бидат лишени од секоја помош од Бога и Перуна.“

Небесниот Сварог

Очигледно, Русите се колнеле во еден бог што е поставен пред Перун. Кое е името на тој безимен бог? Според Ипатиевскиот летопис од 11 век, името на тој бог е Сварог. Тој е татко на Сонцето-цар, Дажбог. Како владетел на т.н. високо небо, тој се јавува како татко на еден друг многу моќен бог, Сварожич, бог на оганот, светлината, сонцето, моќен коњаник, кој ги поразувал непријателите на Словените.

Во замаглена и скриена форма, култот кон Сварог е задржан и до ден денешен кај словенските народи. Кај Источните Словени, неговите функции се пренесени на Свети Кузмодемјан, кој претставува народен спој од имињата на христијанските светци Козма и Дамјан. Таму Свети Кузмодемјан  се јавува и како заштитник на бракот. Понекогаш во песните се спомнува и под името Свети Кузма.

Семоќниот Род

Како многу моќна алтернатива се јавува Род. За Род постојат многу контроверзи до ден денешен и многу истражувачи едноставно го занемаруваат, сметајќи го за божество од низок ранг, па дури и за обичен покровител на домот, родот и семејството. За него дознаваме од разните проповеди и поученија на црквата, која со сите сили се обидувала да го искорени култот кон Род и неговите небесни (две или три) придружнички, рожаниците.

Така, во еден коментар на Евангелието, познат под името “О вдуновении духа в человека” датиран во 15 век, се вели:

„…еден бесмртен и неуништлив творец. Му вдахна (на човекот) в лице дух на животот и би човекот со душа жива. Тоа не е Род, кој седи на воздухот и фрла на земјата грутки, и од тоа се раѓаат деца… Творец на сѐ е Бог, а не Род.“

Според овој цитат, во словенските верувања, Род седи на воздухот и фрла на земјата (некакви) грутки, од кои се раѓаат децата. За творец на сѐ бил сметан Род. За тоа колку силен бил култот кон Род и рожаниците, јасно се гледа во скратениот и прераскажан превод на Словото на пророкот Исаја од 12 век. Таму Род е претставен како божји противник и наречен е Сатана:

„Голема несреќа – да не се разбере прочитаното; големо зло – да не се послушаат помудрите… Браќа, почујте што ви е кажано, откажете се од служењето на Сатаната; од правењето на тие идолски пирови на Род и рожаниците! Исполнете ја, браќа, волјата Божја, како што нѐ учат книгите на пророците, апостолите и црковните отци, за да добиете живот вечен кај спасителот Исус, нашиот Господ, нему слава во веки веков. Амин!“

Исто така, во средновековните извори се говори и за тоа дека Словените прво почнале да им принесуваат жртви на Род и рожаниците, а дури потоа на Перун. Можно Сварог и Род да се имиња на едно исто божество од највисок ранг.

Напишете коментар