Skip to content

(Про) паднати љубови и патот до светлината – Софи Индовино

  • by

Ќе вкусиш љубов, не ќе бидеш поштеден од тоа и никој нема да биде.. И дај Боже да не биде..
Ќе ја изгубиш конекцијата со тлото. Ќе играш танго во облаците. Ангелите ќе ти седат на раме. Ветровите ќе ти плетат коси.

Амор ќе ти го свири на харфа.. Држејќи се за рака со оној во чии очи ќе го гледаш светот.. И не би да подрекувам, но за првите летови таму горе е опасно..Може темен облак да ве раздели, не дај Боже гром да те погоди.. И да треснеш доле без заштитна мрежа за аматери акробати.. Розе рајот  ќе се претвори во сивило. Ќе ја колнеш љубовта и сè што на неа потсеќа… Но сепак ти честитам така се живее!

Потоа  животот ќе ти ја прати тагата. Ќе ти се понуди на чај. И ти ветувам нема да сакаш да се разделиш од неа… Ќе липате заедно на романтични серии, ќе ги дочекуваш зорите во омилените пижами, со саати ќе гледаш во една точка во ѕидот. Минутите ќе бидат години, деновите векови.  И сето тоа ќе има нота на задоволство, мудрост и лекција.

Епизодата “ти и тагата” нема да трае долго. Ќе ѝ досадиш. Ти сигурно нема да си подготвен за уште една разделба, но ќе мораш. Животот те чека!! За да искусиш уште многу нешта за кои си дојден…Ќе излезеш од ова добро испран и фино избрусан,  не баш како  дијамант (ќе те струга животот уште многу додека те направи дијамант). Но доволно глатко за да  почнеш да рефлектираш светлина.

И ќе светиш и ќе продолжиш да браш светлина. И ќе привлекуваш светлина…
Светлина и луѓе – огледала кои ќе ти покажат дека зрачиш и дека заедно ќе зрачите посилно.

Софи Индовино

Напишете коментар