Skip to content

Спасување на душата – СП Апостол

  • by

“Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси. Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“   (Марко 8, 35-37)

Што е тоа душа, има ли изглед кој може да биде рефлектиран во огледало или фатен во кадар на некоја фотографија истакната на социјалните мрежи на која секој би можел да коментира? Има ли душата форма, свиленкасти правоаголник или волнена топка со маглива боја која се проѕира некаде во градите? Чувствува ли душата, болка во срцето од љубовни јадови или премрзната помисла полна со депресија од претстоечки негодни настани со висок процент на негативен адреналин? Или можеби е само движечката сила на статичкото тело создадено од земјен прав во кој е вдахнат Божјиот дух и ќе остане вечно после погребаното тело да живее на Небесата? Како и да е, душевата растрепереност или полетност има големо влијание на секоја одлука за идните животни чекори и поднесување на последиците од нејзината исправност односно заблуда.

Ако ја поистоветуваме со телото, нѐ очекуваат многу грижи за да ја задоволиме нејзината жед за наполнет и напоен стомак, полни ризници за покритие на кредитните картички, имот како оној на кралските семејства и разузданост на роб штотуку ослободен од синџири. Ќе биде постојано намуртена барајќи уште и подобро и ќе се повикува на амандманот за постојана исполнетост па и во услови на немаштија кај останатите. Многу ќе посакуваат да имаат една таква, сесодржителна душа, која нема да помислуваат ниту да ја позајмат, а камоли да ја дадат за својот ближен. Но, кој сака да ја спаси својата душа, тој ќе ја загуби.

Ако ги намразиме желбите на телото, ќе биде искушувачки напорно скоро како од по жица со врзани очи и скршани стапала, но ќе вреди да се загуби душата заради Него и Евангелието, за потоа да се спаси во една целосно реинкарнирана нова форма, целосно подобна за битисување во вечноста. Нема да биде задоволена ниту една материјална пора од самите нас, ќе бидеме посиромашни од разголен просјак заспан на замрзнат тротоар во сурова зимска ноќ, но топли таму внатре, полни со оган кој не согорува и подготвени да го згрееме мразниот дел од земјината топка. На крајот можеби ќе бидеме и наследници на ореолот, тој светлив круг кој како признание не го добил ниту еден цар, за ниту еден подвиг во непромисленоста на владеењата.

Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Ќе венее на некој престол кој го нагризуваат црвите љубители на телесните состојки кои и манакенската совршеност ја претвораат во скелетни остатоци, и ќе се прашува дали мирот се загубил во ѕвекотот на златните монети или воопшто не постоел од почетокот на инвазијата на суетата. Ќе се гордее со сопствениот панаѓур на раскалашеност за кој крајот е познат во местото на плач и крцкање со заби.

Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? Може ли да го прелажеме Бога и да се ценкаме да ни најде место во рајот за вредноста на душата за која сигурни сме дека го правела тоа запишаното на камените плочи. Дали Тој би го прифатил најновиот мерцедес, куќата со базен или авионскиот билет за Хаваи како прилог за одоброволување? Или можеби позицијата за претседател, премиер, крал, предавник, инквизитор ќе Го принудат да го промени своето мислење кое веќе го формирал за нас уште додека бевме во утробата? Не, не и не. Само три причини ќе ја спасат душата која се покајала кога погрешила, се помолила кога се загубила и љубела од кога Го запознала.

СП Апостол

Напишете коментар