Skip to content

Маја (приказна за волшебното цвеќе) – А. Лефкоска

Еднаш многу одамна, имав еден многу добар пријател чие име од лични причини нема да го запишам. Мојот пријател беше, по карактер умерен човек. Со длабоки длабоки нежни очи што низ мракот светкаа и  руса коса на која дури и сончогледите му завидуваа. Мојот пријател беше прекрасен човек. Секогаш уреден, пристоен и културен. Немаше многу, но не можеше да се каже дека она што го поседуваше беше малку е малку сепак, покрај сè мојот пријател во ништо не претеруваше и често знаеше и кога самиот чин на претерување му беше заслужен она што му е нему дадено да го подели со сите нас останати.

Мојот пријател имаше неколку блиски пријатели, но со мене беше најблизок па затоа не се зачудив кога едно сончево утро ме повика во неговиот дом под изговор дека треба да разговараме. Не ми беше чудно, сепак, мојот пријател и јас често разговаравме и тоа на најразлични теми. Разговаравме за волци, темни шуми, цвеќиња и други планети подалеку од нашето село на кои би сакале да живееме. Го облеков црниот капут, новите кожни кафеави чизми  потколеници и со ведар дух и уште поведро лице се упатив кон домот на мојот драг пријател.

Ме дочека како и секогаш, со насмевка, силна прегратка и бакнеж во образот.  “Дозволи ми.” Рече мојот пријател и ми го зеде капутот. Приметив дека е среќен повеќе од обично и не може да одолеам а да не му украдам дел од таа среќа па и јас да бидам среќна за него.

Посетата течеше како и обично, со разговор, смеа и закачки на сопствена сметка и секако на сметка на останатите селани. Не живеевме лошо, не, но сепак животот во селото беше досаден и предвидлив и едвај се потпираше на старите темели на традицијата кои (според нас) требаа уште одамна да бидат срушени. И не бевме ние единствените не, имаше и други како нас во селото, истомисленици ама, вешто се криеја од страв да не поттикнат после толку години нов лов на вештерки.

Баш тоа му го зборував на мојот пријател кога срамежливо ме прекина. “Дојди,” ми рече, “имам нешто да ти покажам.” Љубопитна за среќата и чудното однесување на мојот пријател станав и тргнав по него. Ме одведе до вториот кат на неговата куќа, а потоа по странични скали и на (новоизградениот?) трет кат. “Пријателе, што е ова?” Прашав зачудено гледајќи низ отворениот празен простор. Наместо ѕидови – прозорци , наместо таван – стакло.

Се насмевна мојот пријател и ме одведе до еден од прозорците. “Имам ново цвеќе,” ми рече, “ама ова е посебно. Волшебно.” И навистина, пред мене на прозорецот стоеше една роза црвена, со долго стебло зелено и крвави ливчиња. Беше прекрасна. Ја испружив раката да ја допрам, а таа небаре сеќавајќи го моето двомислење наеднаш си го изви стеблото и со ливчињата ми ја погали раката. Се зачудив, но и насмевнав. Не само што беше убава, розата беше и свесна. “Зар ова се двоумеше да ми го кажеш пријателе?” Го прашав. Знаеше мојот пријател, а знаев и јас, тој сакаше Сонце и цвеќиња, а јас повеќе ѕвезди и Месечина.

“Не знаев како ќе изреагираш. Не е растена на наша земја…” Рече гледајќи ја со љубов розата. И како можев јас да му замерам? Не, не. Тоа ќе беше многу многу лицемерно од мене кога и јас како и тој на ист начин му пркосев на традицијата. Ако тој беше среќен со неговата волшебна, странска роза тогаш и јас бев среќна за него во што и го уверив. “Но, никој не знае,” рече, “ќе мора да бидеме внимателни. Знаеш. Селото не сака магија.” Се согласив.

Надвор веќе се затемнуваше. Време беше да се вратам дома. Пружив рака и повторно милозливо ме погали розата. Се насмевнав. По мене, пред да ме испрати и мојот пријател ја пружи раката кон розата, но наместо да му ја погали раката, розата ги откри своите црни, шилести трња и безмилосно ги зари во дланката на мојот пријател. Три црвени дамки се појавија, а мојот пријател не приметувајќи го мојот шокиран израз, од џебот од палтото извади веќе крваво, бело марамче и си ја избриша дланката. “Нели е прекрасна?” Насмеано праша, а јас тогаш ги приметив и останатите лузни на неговите дланки. “Мхм.”  Реков несакајќи да му ја расипам среќата.

Деновите се претвораа во ноќи, а ноќите во денови. Јас и мојот пријател често излегувавме. Да зборуваме за волшебната роза како роза не можевме па затоа, за во селото ѝ дадовме име Маја.

Мојот пријател од ден на ден сè повеќе и повеќе ѝ се восхитуваше на неговата Маја. Неговата облека го носеше нејзиниот мирис, неговата куќа мирисаше на неа, но и неговите дланки, кои тој одбиваше да ги погледне, беа парталави и загноени од црните, отровни трња на Маја. Се грижев, но кога и да ги спомнев мојот пријател се чудеше. Тој навистина не ги гледаше.

Неделите преминуваа во месеци, а мојот пријател беше среќен во неговата несреќа. Заљубен дури и во раните што Маја му ги подаруваше. Но не повредуваше само Маја, не, морам да бидам фер. Често мојот пријател ѝ замеруваше што од ден на ден растеше, што го боцкаше, а потоа го галеше. Но, сè тоа негово беше краткотрајно и без умисла и често пропратено со огромни наливи на грижа на совест што манипулативното цвеќе со уживање ги користеше па гледаше други шуми, други саксии и цвеќари.

Додека мојот пријател во катот што специјално го беше изградил за неа, ја налеваше и од секакви паразити ја чуваше притоа не приметувајќи ги сите останати волшебни (дури и поволшебни) и прекрасни цвеќиња кои му доаѓаа и скиснати си одеа.

На крај, пред јас да успеам да ја смачкам таа проклета, отровна роза, таа еден ден сама си се искорна и преку полуотворениот прозорец пушти корења и го напушти рајот што мојот пријател го беше изградил за неа одбирајќи ја црната шума каллива. Години поминаа одтогаш. Мојот пријател сè уште не може целосно да ги види лузните на дланките и сè уште дека го чувствува мирисот на Маја, на неговата волшебна роза додека копнежливо од третиот кат ја гледа црната шума.

Некогаш го потсетувам, а некогаш молчам.
Сепак, која сум јас (што љубам ѕвезди) да судам за нечија (па и отровна) љубов?

Напишете коментар