Skip to content

Поимот надареност и термините сродни на него – Ангелина Василевска

  • by

Не постои сомнеж дека интересот за надареноста во психологијата не е скорашен, а тој поим секогаш е актуелна и неисцрпена тема за теоретски и истражувачки научни студии. Сигурна сум дека поимот надареност кај скоро секој од нас буди чувство на посебност, специјалност, натпросечност. Токму поради фактот што во прегледот на стручната литература од областа на надареноста се наведува заклучок дека кај експертите не постои консензус во одговорот на прашањето дали надареноста, талентираноста, и креативноста се идентични или различни поими, јас ќе се обидам да го искажам своето сфаќање за поврзаноста и разликата помеѓу трите претходно наведени поими, за посеопфатно дефинирање на надареноста.

Конфузија при дефинирање на поимите

Имајќи во предвид дека споменатите поими се однесуваат како на општите интелектуални способности, така и на специфичните способности поврзани со дадена област, во современата литература имаме своевидна “конфузија” при дефинирањето на поимите надареност, креативност и талент, како и при детектирањето на поврзаноста меѓу овие поими.

Што се однесува до поимите надареност и креативност, може да се каже дека современите автори ја сметаат надареноста за поопшт поим, кој во себе ја вклучува и креативноста. Односно дека креативноста е само компонента на надареноста. Имајќи ги во предвид бројните истражувања за надареноста може да се каже дека поимот надарена личност најчесто се употребува за оние лица кои на продуктивен или репродуктивен начин постигнуваат натпросечни резултати во една или повеќе области од човековата дејност, што можат, на пример, да се идентификуваат и како креативен придонес во една или повеќе области.

Тие поседуваат таков склоп на особини или таква комбинација на способности за определен вид на дејност, што им овозможува во континуитет да постигнуваат супериорни резултати во однос на другите индивидуи, па затоа надарените поединци се одликуваат со висок степен на творештво.

Надареност и талентираност

Понатаму, креативноста е составен дел на надареноста, што значи дека надарените поединци се помалку или повеќе креативни. Притоа, поединецот може да биде надарен, но не и високо креативен, односно да постигнува високи резултати на репродуктивно ниво (на пример, репродуктивен сликар, музичар и слично). Во тој контекст талентиран е оној поединец кој постигнува натпросечни резултати во определена дејност. Според тоа надарениот поединец не мора да биде талентиран, но талентираниот секако дека е надарен, односно поединецот може да биде надарен, но не мора да е и високо креативен, т.е може да се случи само да постигнува високи резултати на репродуктивно ниво. Токму затоа, сметам дека сите ќе се согласиме за тоа дека надареноста и талентираноста се појавуваат во сите сфери на човековото живеење.

Но како што за секоја тема од општествениот живот постојат позитивни мислења, така постојат и негативни ставови. Во таа смисла има повеќе стереотипи за надареноста, креативноста и талентираноста. Попознати се: да се биде надарен значи да се биде чуден, креативноста резултира со социјално несоодветна личност, талентираниот/талентираната лошо се адаптираат во општеството и сл. Токму затоа јас сметам дека важна улога во надминување на ваквите стереотипи има семејството односно родителите, посебно во растот, развојот и одгледувањето на своите деца.

Како се постапува со надарено дете?

Надареното дете има специфични карактеристики и особини и затоа делувањето на родителите во неговиот развој може да биде од исклучителна важност за негов дополнителен поттик – зајакнување и мотивирање на детето без страв и пречки да се развива во средината со своите специфични особености. Родителите се особено важни во развојот на децата бидејќи се примарни фактори во нивниот живот. Најзначајно од се е да се оствари рана квалитетна емоционална врска помеѓу родителот – детето и општеството бидејќи среќни и сигурни индивидуи се многу поупорни во обидувањата кога задачите стануваат посложени.

Со оглед на тоа дека надарените деца учат побрзо и полесно од просечните, ним им е потребен поширок опсег на активности од вообичаено. Секое дете заслужува посебна грижа од своите родители но и од општеството, па така и надареното дете кое е дете со посебни способности заслужува да биде охрабрено и поддржано од средината и родителите со цел да постигнува уште поголеми успеси и да прерасне во слободна индивидуа препознатлива по својот квалитет и уште повеќе да дојде до израз неговиот потенцијал.

Токму затоа јас сметам дека сите можеме да дадеме се од себе за да станеме уште поквалитетни личности, бидејќи секој од нас е надарен за нешто. Оригинална е секоја личност и секој може да ја разбуди креативноста во себе. И својот талент да го надоградува со напорна работа бидејќи самодисциплинираноста и нашата желба и афинитет за себепостигнување се двигатели на нашата личност.

Ангелина Василевска

Напишете коментар