Skip to content

Приказна – Анастасија Лефкоска

Моја оригинална, исконска желбо,
створена во мене уште од создавањето на оваа Земја и ова наше небо,
проткаена во молекулите на ДНК – та,
од мигот кога прашината ме створи во градината.
Моја оригинална желбо,
креација совршена на Творецот за творецот,
светско чудо најсвето и сокриено од сите чуда на светов,
градинар во градините на Вавилон,
сукубус што ме демне во секој сон,
светлина што влегува во мојот дом и носи со себе приказни милион.
Желбо моја исконска, проста, човечка,
копнеж на душава очајна,
бршлен што ми расте околу куќата,
мов што ме покира и лаванда што ми ја смирува душава растревожена.
Тајно моја и од Ватиканските архиви построго чувана,
ѕвездо моја од смртник запишувана,
илјада години во различно тело жива рана, ко вештерка во долина од диви рози заспана,
дамка на убавина на белата кожа на Снежана,
магија за будење што е во срцето на секој човек врежана,
бележана врата со проклетства,
само за да се заштитат внатре сите скриени нејзини богатства.
Непроценлива биста со ликот на Божица,
желбо моја тивка исконска, од месечината под месечина дадена,
за ситни пари што љубов мисли е продадена,
измеѓу сонот и јавето и бројките 11 и 11 заглавена.
Желбо моја постоечка, неисполнета,
од наречниците при раѓање шепната,
од судбините поклонета,
желбо моја исконска во пенкало што си втисната,
збор по збор ќе те оживеам и ќе станеш приказна.

Од “Дневникот на една будала”

Напишете коментар