Skip to content

Григор Прличев, истакнат македонски писател и значаен претставник на македонската книжевност

Григор Ставрев Прличев (Охрид, 18 јануари 1830 – Охрид, 6 февруари 1893) е истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век. Покрај мајчиниот македонски, творел и на грчки и бугарски и ги обединувал во себе нивните специфични карактеристики, како и современите текови на класицизмот и романтизмот. Според Македонската енциклопедија, тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.

Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850-59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Добива награда во Атина за најдобра поема

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец. Истата година делото излегува од печат.

Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект поемата Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат народниот подвиг во Охрид, борба за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание

Извесно време престојува во Цариград. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата.

Препев на Илијада

По покана од Редакцијата на цариградското Читалиште се зафаќа со препев на Хомеровата Илијада. Почнува да соработува во бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во Читалиште во 1872 г. ја објавува песната Во илјада седумстотин шездесет и второ лето, подоцна преобјавена и во неговата Автобиографија. Во цариградскиот весник Право во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов Воспитание или 12 наравствени песни.

Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Софија, поканет од многумина родољупци, го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помоши. Во периодот меѓу 1883-1890 г. учителствувал во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата Автобиографија, објавена по неговата смрт во Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина.

Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Во одреден период бил под влијание на словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто.

Поемата Сердарот му го носи прекарот Втор Хомер

Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето Втор Хомер.

Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото-есеј „Чувај се себеси“. Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на Сердарот.

Прличев се родил во Охрид и потекнувал од сиромашно семејство. Уште како мал останал без татко му Ставре, а за фамилијата која се состоела од од три машки и едно девојче се грижеле неговата мајка Марија и неговиот дедо. Бедата на неговото семејство била толку голема што поради немање обувки дедо му на грб го носел до училиште.

Мајката на Прличев за да го прехрани семејството работела како аргатка по туѓи куќи и од неа ја слушнал поговорката: Работата е здравје и чест. Но, во својата Автобиографија со тага истакнува дека кога ја видел мајка си како го носи тешкиот килим на глава и кога никој не сакал да ѝ помогне: … јас плачев, како некој да беше ја убил мајка… Како ќе се живеј? – си мислев јас и таа мисла остана царица на сите мои мисли.

Школувањето во Охрид

Првата писменост ја добил од својот дедо и од него го научил да чита грчко писмо. Грчкото писмо, култура, јазик и просвета од тогаш ќе бидат повеќе од четвртина век постојано присутни во животот на Прличев и под нивно влијание се развил како интелектуална и поетска личност. Откако го совладал основното читање неговиот дедо го запишал во грчко келијно училиште и го помагал сè додека можел. За своето прво образование Прличев истакнува:

„Бев едвај четиригодишен, кога дедо ми достави еден грчки буквар по најстарата метода и ме изучи на имињата од буквите алфа, вита и др., што ги распознав за неколку дена. Но кога почна да ме учи на срицање вита – алфа = ва, вита – епсилон = ве, таквото учење ми се виде сосема чудно и си мислев со слабиот мозок како е можно два цели збора да се рамни на еден слог“.

Пред да умре дедото на Прличев целиот свој имот го оставил на неговата мајка која морала да даде заклетва дека нема да му дозволи на Прличев да работи и дека ќе го школува. Така Прличев сè до својата осумнаесетта година е во Охрид и се школува кај неколку учители.

Прекин на школувањето

Школувањето во Охрид неколкупати го прекинувал за да ѝ помага на својата мајка така што тој продавал муренки, препишувал грчки ракописи за богатите гркомански чорбаџии и им помагал на богатите деца во учењето. Во последните години од школувањето во Охрид негов учител станува Димитрија Миладинов.

Во Тирана

Откако го завршил школувањето тој се вработил како терзија, а малку потоа се нашол како учител во Тирана. Тогаш веќе совршено го владеел грчкиот јазик и го читал Хомер. Меѓутоа, во Албанија се задржал краток период и со заштедените пари се вратил во Охрид сакајќи да го продолжи образованието. Таму од блиските и роднините бил советуван да замине во Атина и да студира медицина. За тој судбоносен момент тој истакнува: „Тогаш ми се решаваше судбината… Не се најде ниеден да ме посоветува да одам во Русија… А пак тогаш само името на Атина и Јанино звучеше у нас.“

Грчкиот период (1840 – 1861)

Овој период од животот и делото на Прличев е карактеристичен по тоа што поетот е приврзаник на хеленската култура и јазик, период во кој ги создал своите ремек-дела Сердарот и Скендербег, а со нив станал еден од најголемите претставници на новогрчката книжевност.

Во Атина (Aтинскиот акропол со Партенон на врвот)

Медицината не го интересирала, а најомразен од сите предмети му бил анатомија. Затоа најголемиот дел од времето го поминувал следејќи ги литературните манифестации и во читање на Хомер, како што самиот вели:  “…често пишував стихови и ги изложував на црните табли на Универзитетот и со благодарност слушав пофалби“.

Сиромаштијата го следела и во Атина. Еден угледен охриѓанец и весникар, Јоан Сапунџиев го видел во сиромашна облека и со бледо лице и му ветил дека ќе се заземе да добие стипендија од едно богато завештение на еден Македонец, наместо исклучиво за сиромашните Македончиња.

Но обидот останал неуспешен, а тој разбрал дека местата биле зафатени од тамошните и започнал да ги користи сопствените интелектуални способности за да се издржува. Поради таквата состојба поетот истакнува: „Му ја препишав целата филозофија на Јоан Филипов за два талира“.

Враќање во Македонија

За оваа плата Прличев изјавува дека сакал од мачнина да му ја фрли во лице, а кога му ја дале најмрачната соба во куќата, сопственикот го прашал да не е болен, на што Прличев за себе заклучил: „И имаше право, јас бев болен од сиромаштија“. Прличев по совет на Ангеле Групче се запишал на медицина и тоа поради благородна цел: „Зашто бев страдал и сакав да лечам човечки страдања“.

Тогаш во Атина најталентираниот грчки поет бил награден и овенчан со лаворов венец, а тоа предизвикало воодушевување кај Прличев и се јавила желба да напише поема со која тој ќе го освои венецот. Но поради недостиг на пари и поради болест бил принуден да се врати во Македонија.

Учителствувањето во Македонија (1849 – 1859)

За овој период од својот живот Прличев имал малку напишано. Откако закрепнал во Охрид, решил да собере пари за да се врати во Атина и работел како учител во Долна Белица за плата од 3.000 гроша годишно. Од Долна Белица заминал за Прилеп како учител, а потоа станал учител во родниот град Охрид и таму останал шест години. Прличев успеал да собере 5.000 гроша и во август 1859 година повторно заминал за Атина каде, покрај студиите по медицина, продолжил да пишува и стихови.

Земајќи ја предвид одбивноста на Прличев кон медицината, тој најверојатно во Атина се вратил за да се афирмира на литературен план. Тогаш во Атина за кратко време ја напишал поемата Сердарот и ја предал на конкурсната комисија во февруари 1860 година. Според автобиографијата, 25 март 1860 година во Атина се случил највозвишениот миг во творечкиот живот на Прличев.

Критиките за него

Пред многубројната публика грчкиот критичар Александар Ризос Рангавис објавил дека на анонимниот конкурс венецот се доделува за поемата Сердарот. За тој момент Прличев тврди: „Пчувствував едно неописиво волнение какво никогаш не усетувал… Прекумерната радост е поубиствена од жалта“.

Гимназијархот П. Псарас ги искажал следите зборови: Општа радост е во Атина што ни се јавил Втор Хомер. Додека пак главниот критичар Александар Ризос Рангавис истакнува дека Арматолос е: творба на чудотворно длето… секој стих светка како чист бисер.

Според некои толкувачи на Прличевото дело, во тој момент на триумф започнува творечката трагична драма на поетот Григор Прличев. Самиот Прличев со горчина забележува:

„Венецот стоеше на великолепно украсена маса пред Рангависа, но тој не ме повика да ми го даде пред публиката, како што стануваше другите години. Зошто? Главната причина е што не му мирисаа на грчки имињата што звучеа во поемата Стан, Раде, Неда, Галичник, Река.“

Рецитирање на поемата за да докаже дека е негова

Таквиот однос најверојатно предизвикал траума кај младиот и горд поет. Тој не ѝ се обратил на публиката дека е автор на поемата и си заминал уште пред да се растури собранието кое било собрано во чест на венецоносецот. Во својата автобиографија Прличев го опишува и своето второто понижување. Тој заминал во станот на Рангавис и му кажал дека тој е авторот на поемата, а Рангавис тогаш сфатил дека Прличев не е Грк.

По три дена Прличев бил повикан од универзитетските власти и пред нив бил принуден да ја рецитира поемата за да докаже дека е нејзин автор. Откако увиделе дека тој е автор на поемата му била дадена наградата која била во сребро, а требала да биде во злато. Тој се откажал од половина од наградата за благородни цели и од месечната пензија која му била доделена од грчкиот крал Отон. Понатаму во својата автобиографија самиот поет заклучува дека тие сакале да го посветат на грчка служба и поради тоа го одбил студирањето во Оксфорд или Берлин.

„Прличеви беседи 2021“ ќе се одржи и покрај КОИВД-19.

Напишете коментар