Skip to content

Паднат бог – А. Лефкоска

Сакам да се убијам. Да се задушам во млаката вода, да потонам сѐ додека не престане. Само нека престане. Те молам нека престане. Сакам.. сакам да престане… да престанам да ја слушам песната на другата душа.

Немој. Не ме викај. Престани. ПРЕСТАНИ! Немам сила веќе. Се мразам и те мразам. Ти дадов сѐ што можев, сѐ што требаше и повеќе. Ти ја дадов душата. Сега ја сакам назад зошто црна и долга е ноќта и ако не ти престане песната мене ќе ме снема. Ќе потонам во млаката вода, ќе ме прегрне студената земја. Ќе си го слушам срцето како ‘Туп. Туп. Туп.’ прави сѐ додека не престане, сѐ додека не замолкне. Сѐ додека мракот не го обвие телово и очите не станат црни како Рошархови дамки.

На крајот од патот сум – чувствувам. Ако го убијам тој дел од мене што чувствува, ако го задавам во кадата, ако го закопам во земјата, нема ништо повеќе да ме запре. Светот ќе го изгорам, а во тој свет ќе стојам само јас и сите мои дела, сите превези претворени во црвено – златни таписерии.

Што еднаш требаше да биде замок на љубов, ќе стане руешевина на злоба, самобендисаност и домашно направен цијанид. Кај што било срце, ќе стои камен. Кај што биле солзи, ќе стојат црни капки од реката Лета. При секое полевање, ќе заборавам, при секое будење сѐ посилна и посилна ќе станам.

Темнина и мрак и сулфур ќе ме опкружува, дури и најмрачниот на земјава ќе ми слугува. Разбираш ли? Ајде затоа престани. Престани додека поседувам парче од разумот, престани за да не го изгубам умот. Престани зошто ќе ги послушам гласовите. Престани зошто после нема ништо да ми значат зборовите и молитвите. Паднат бог оглувува. Паднат бог ослепува. Престани зошто паднат бог повредува. Престани, ќе биде болно. Зошто ако не престанеш светот не го спасува ни реброто на Кронос.

Од “Дневникот на една будала” 

Напишете коментар