Skip to content

Факти за „Бакнеж“, најпознатата слика на Густав Климт

На 6-ти февруари 1918-та година починал Густав Климт, австриски симболистички сликар и еден од основачите на Виенската Сецесија. Целиот живот бил фасциниран со женското тело кое бил и примарен субјект на повеќето негови слики. Го нарекувале перверзен, а неговите слики еротични и порнографски. Сепак токму тоа му донесло светска слава, а неговата слика „Бакнеж“ денеска е најпозната австриска слика на сите времиња.

„Бакнеж“ е најпознатата слика на Климт и се смета за икона на модерната уметност

Таа е една од најпопуларните слики во светот. Правена е со техника масло на платно, со дополнителни сребрени и златни ливчиња. Настанала помеѓу 1907 и 1908 година. Денеска се чува во австриската галерија Белведере во Виена и претставува ремек-дело на модерната уметност. Нејзиниот автор Густав Климт бил сè само обичен човек не. Никогаш не се оженил, живеел боемски и бил во врски со многу жени. Ова го правело ексцентричен дури и во светот на уметници полни со пороци. Затоа и неговата најпозната слика предизвикала многу контроверзи веднаш штом била прикажана. Еве неколку факти кои можеби не сте ги знаеле за „Бакнеж“, а поради кои предизвикува внимание дури и денес, повеќе од 100 години после настанувањето.

„Бакнеж“ не ѝ било првото име

Кога првпат била изложена сликата не се викала „Бакнеж“ туку „Љубовници“ и не била довршена. Климт вообичаено сликал многу бавно, но за ова дело брзал бидејќи сакал да го прикаже на виенската изложба на портрети. Сепак не стигнал навреме, а сликата била довршена до завршвуање на изложбата.

Делото го сметале за поргнографско

Пост-викторијанскиот период на почетокот на 20-ти век сликата ја сметал за порнографска без оглед што двете фигури на нејзе се целосно облечени. Климт вечно одел на самата граница на еротика и порнографија за што сведочат и неговите многубројни сочувани цртежи како и други дела.

На критичарите им одговорил со следново: „Ако со својата уметност не можеш сите да ги задоволиш, задоволи неколкумина. Немојте да ги задоволувате повеќето, тоа е лошо“. Иако го следеле скандали бил многу популарен во виенското општество, а токму „Бакнеж“ претставува почеток на либерализмот во неговото сликарство и еротиката која станала силна и присутна во неговите дела до крај.

Сликата е купена пред да биде завршена

Иако контроверзно „Бакнеж“ била купена пред да биде готова. Австриската галерија Белведере платила 25 илјади круни за нејзе што тогаш го срушила рекордот за највисока цена платена за некоја слика во Австрија. До тогаш рекордот изнесувал најмногу 500 круни. Преведено во денешна валута, „Бакнеж“ е платена околу 250.000 долари.

Ликот на сликата (лево) и портрет на Емили Флоге (десно)

Кој е на сликата?

Иако се мисли дека на сликата Климт го претставил бакнежот на Аполон и Дафне, следејќи ја фабулата на епот на Овидиј „Метаморфози“ многумина веруваат дека Климт всушност на сликата се насликал себеси и Емили Флоге, неговата муза и долгогодишна љубовница. На скиците на сликата се појавува нејзиното име. Флоге живеела со него дваесет години и покрај бројните афери на сликарот. Нивната врска била потполно необична и за нормите на тогашното друштво – скандалозна.

Парот одлучил дека сака врска без деца и двајцата воделе боемски живот. Емили била успешна деловна жена и дизајнерка. Климт во една прилика изјавил дека има 14 деца од различни љубовни авантури. Четири деца службено признал, а уште некои десеттина поднеле барање за наследство. Последниот збор што го кажал пред да почине бил – Емили.

Жената во подредена положба?

„Бакнеж“ прикажува маж и жена кои страствено се бакнуваат на езерско крајбрежје. Нивните припиени тела изгледаат речиси како едно. Жената клечи, а нејзината глава е потпрена на рамото и раката на мажот. Еден од најпознатите историчари на уметноста, Џенсон, го поврзал периодот на настанокот на оваа слика со почетоците на феминистичкото движење кое ќе ја претстави жената во светот во целосно ново светло.

„Климт ја претставил жената во своето дело „Бакнеж“ повеќе како жртва на бакнежот отколку како рамноправен учесник“, пишува Џенсон. Машката фигура според Џенсон во занес на страст доминира над својата партнерка која клечи “на работ на златниот амбис“. Многумина оваа слика ја гледаат како заробен потенцијал на жената, а нејзиното клечење укажува на поврзаност со природата, пишуваат од Гардијан.

Напишете коментар