Skip to content

Јас сум виновна

Секаде околу мене го чувствувам мирисот на моето попладневно кафе. Го чувствувам и твоето отсуство. Тука си, ама те нема. Чудно. Никогаш претходно ова не ми се случило. Во секоја мисла си ми. Во секој здив. Во секој атом од мене. Нежно го фаќам филџанот, преполн со моето омилено кафе и земам една голтка од црната течност. Почнав да пијам слатко кафе затоа што сфатив дека доволно е горчлив животот.

Кофеинот од мојот желудник полека се сели низ моите вени. Потоа ми удира и во главата. Мислите полека ми се разбиструваат и сето она што ми е нејасно во врска со мене и со светот ми станува уште понејасно. Кој си ти? Каков си? Па, јас тебе воопшто не те познавам. Или можеби те знам премногу добро? Оти во очите твој само одразот на мојата насмевка го гледам. Но не си само ти оној кој ме смее. Зарем јас заборавив на насмевките кои ми ги мами сонцето? Или сјајот на очите твои ги засени и сончевите зраци?

Некогаш замислувам. Добро, признавам. Некогаш премногу замислувам. Се селам во светот на фантазиите. Но можеби премногу лутам таму, само затоа што таму те има. Таквите како тебе постојат само во моите фантазии. Замислата за тебе ме влече како магнет кон тебе. Само ти си присутен во мене, а јас веќе не правам ништо за да те избркам. Се навикнав да те замислувам секое утро. Секое пладне. Секоја ноќ.

Некогаш замислувам. Замислувам како ти се туткам во скутот, а ти само ми ја галиш косата. Си играш со локните мои. Замислувам како те држам за рака и како заедно шетаме под липите на тротоарите. Ух, јас толку го сакам мирисот на липа кој најсилно се чувствува во летните ноќи. А нешто во мене ми вели дека и ти уживаш во него.

Некогаш замислувам. Замислувам како седиме на терасата од моето омилено кафуле. Само јас и ти. И уживаме во погледот. Го гледаме зајдисонцето и неколку диви гулаби кои летаат над плоштадот. Јас се гушам во смеа од твоите шеги. А ти. Тебе очите ти се смеат оти си успеал да ме насмееш. По некое време само молчиме. Но тишината не е ниту непријатна, ниту ни е непозната. Не молчиме оти немаме што да си кажеме еден на друг. Молчиме оти сакаме да уживаме во тишината.

Некогаш замислувам. Ама јас премногу замислувам. Јас сум виновна. Јас сум виновна што сум те замислила. Јас сум виновна што сум те створила во моите фантазии. Јас сум виновна оти фантазирам премногу. Таквите како тебе се премногу добри за да постојат. Ти не постоиш. Ти си само парче од моите мечти. А јас. Јас сум виновна што ти дозволив да се родиш и да ми живееш во мисливе. Јас сум виновна што сè околу мене ми се чини лажно. А единствената лага си ти. Јас, јас сум виновна и за тебе и за мене и за нас. Ние не постоиме. Нас нè нема. Дури и за тоа јас сум виновна.

Лина Димоска

Напишете коментар