Skip to content

Незавршениот роман – Ивана Балтовска

  • by

Интрига, неизвесност, нетрпение, исчекување. Што сѐ не носи недопрочитаната книга? Книга која веќе еднаш била отворена, не може да се затвори така лесно, без онаа мала јанѕа, сомнеж кој постојано копка – што се случува понатаму? Каков е текот на настаните, каков е крајот? Дали крајот е крај или само почеток на еден нов живот, сосема поинаков од претходно опишаните настани во книгата?

Експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет – етапните фази низ кои поминува развојот на драмското дејствие. Нашата драма, нашиот роман, љубовното патување, за жал стигна само до заплетот. И потоа, книгата наеднаш се затвори, а нашите очи, не можејќи да ја гледаат, ја фрлија во купот на заборавени книги, покриени со прашина, давајќи им уште една другарка која како метла ќе ја бере нивната прашина. Оттогаш-никогаш повеќе не беше отворена. Празните страници останаа бели, непополнати, без ниедна капка мастило кое ќе им даде поинаков тек на настаните. Настана целосна блокада, чиниш на авторот му снемало инспирација и престанал да пишува, оставајќи го своето брилијантно дело на почетокот, сѐ уште новороденче во пелени.

Заплетот постои за да биде разрешен, да премине во нешто повеќе, за на крајот расплетот да ја оконча целата приказна. Но, ние дозволивме да останеме заплеткани во заплетот, не барајќи решение, бидејќи единственото решение ни беше бегството од проблемот. Проблемот и понатаму остана, заробен помеѓу тврдите корици на љубовната сага. Недоизречените зборови, неискажаните чувства, мечтите и соновите, залутаните копнежи – гласно молчеа помеѓу нас, зголемувајќи ја и онака огромната тензија. Не бевме храбри да се соочиме со нив и решивме да застанеме онаму каде што бевме, онаму каде владее очајот, теророт и болката. Распнати помеѓу гордоста и љубовта, одлучивме да ја одбереме гордоста која секогаш е лош советник. Останавме сами – јас без тебе, ти без мене. Заради глупавите и непромислени постапки, сѐ уште го пиеме чајот на заборавот, иако не ни успева.

Незавршената работа секогаш нѐ следи, како нашата сенка – не можеме да се одделиме од неа. Постојано нѐ тера да се свртиме и да видиме што има зад нас- иако зад нас нема ништо. Но, јас во мојата сенка не се гледам себеси. Те гледам тебе, твојата сенка која постојано ме прати, со секој мој наредно направен чекор. Ја гледам таа сенка која тивко зборува – заврши го романот, пополни ги празните страници. Бидејќи, само главните улоги во романот можат да ја истуркаат приказната до самиот расплет.

Ивана Балтовска

Напишете коментар