Skip to content

Знаеш ти сè!

Знаеш ти. Знаеш ти сè. Знаеш сè што знам јас. Знеш сè што чувствувам. Знаеш дека и јас сакам. Знаеш. Ете затоа не чувствувам потреба дека треба нешто да ти кажам. Затоа молчам. Оти сè што имаш да ми кажеш ти, би ти го кажала и јас тебе. Ама не сега. Не овде. Не во овој живот. Можеби некогаш. Друг пат. На некој друг свет. Во некој нареден живот. Ако и ти веруваш дека други светови и други животи постојат. И дека душата не умира. Само се раѓа, одново и одново, за да си ја пронајде својата сродна душа.

Затоа молчам. Затоа не раскажувам дека конечно сум го нашла она по кое постојано сум трагала. Човек со искрена насмевка. Најдобар пријател. Некој кој слуша за да разбере, а не за да одговори. Некој кој разбира дури и без да кажам нешто. Ете затоа молчам. Затоа не зборувам. Полесно ми е да те гледам само. Да знам дека си добро. Да знам дека си среќен. Оти твојата среќа е и моја, а мене тоа ми е сосем доволно за овој живот.

Знаеш ти. Знаеш ти сè. Знаеш дека замислувам како ме чекаш под гранките од брезите. На нашето место. А јас сум ги облекла сандалите со боја на Месечина и насмеана трчам кон тебе. Ти се фрлам в прегратки. Tи го чувствувам мирисот. Мирисаш незаборавно, како секогаш. По мирисот знам дека ќе те препознаам во секој мој нареден живот. А јас мирисам на орхидеи. Оти тебе најмногу ти се допаѓа мирисот на орхидеите. Ме прегрнуваш цврсто. Толку цврсто што посакувам тие твои рацe никогаш да не ме пуштат.

Знаеш ти. Знаеш ти сè. Знаеш дека замислувам како се шетаме под липите од тротоарот држејќи се за рака. Ти малку поцврсто ја стегаш мојата. Оти се плашиш дека ќе заминам. Оти се плашиш дека ако сега ме пуштиш нема да можеш да ме фатиш веќе. Замислувам како лежиме под гранките од боровите на некоја шума. И само гледаме во небото и во облаците кои бавно се движат на него. Јас сум ти потпрена на гради. Молчиме. Сè што се слуша околу е тишината. И нема ништо попријатно од таа тишина.

Знаеш ти. Знаеш ти сè. Затоа не ме прашувај што чувствувам секогаш кога ти ја зарворам вратата од душава. Знаеш дека останувам заробена внатре, во себе. Дека се кршам. Дека душата ми се кине. Дека копнеам в прегратки да ти скокнам, ама не смеам. Знаеш ти. Знаеш ти сè. Знаеш за сите мои бури. За сите мои демони. Оти и тебе истите бури те преплавуваат. И тебе истите демони те прогонуваат. Затоа не ме прашувај што чувствувам. И онака знаеш. Знаеш ти сè!

Лина Димоска

Напишете коментар