Skip to content

Остатоци од дневникот – Благица Наумова

  • by

Каков е тој јаглен што ќе прочкрта гасеници во мојов дневник? Постои ли таков? Како ќе се исполнам себеси без да се издадам? Зарем магла ќе падне над тие тврди корици? Во спротивно ќе морам ли да го молам облачето за капка роса? Каде ќе го сокријам тоа богатство? На кој остров треба да го засолнам, во кои гнезда ќе морам да го расфрлам?

Чии утроби ќе распарам со тие сосмрдени јазичиња што од страв се беа закотвиле во пазувите на корицата, во усните поетски? Ах ќе отрујам нечие тело, ќе пецнам некоја клетка и ќе испијам некој протеин! Способни се тие за тоа ги познавам добро! Па зар јас не ги создадов нив? Не ли им ја изложив снагата на дожд за да накиснат, в магла за да исчезнат, в оган за да изгорат, в усни да се навлажнат, в желудник да накиснат, да се разронат и низ фекалии да се исфрлат во почвата за да нахранат нечие растение, та да го продолжат животот?!

Ах, во таа хумусна земја што ви дава здив, што ви дава да дишете со стомите е смртна! Секогаш имајте го тоа на ум! Та јас ги измешав и смртта и животот, како конкуренти ги соочив и ги смешав заедно, со надеж дека ќе направат нешто! Но што би можеле да создадат тие? Ќе никне растение за да ги храни смртниците на оваа земја?Со смртни остатоци ли ќе се продолжи животот на оваа света земја?

Благица Наумова

Напишете коментар