Skip to content

Сè во врска со тебе нема смисла

Сè во врска со тебе нема смисла. Но нема поголема смисла од тебе. Од твоето постоење. И знам дека нема смисла ниту начинот на кој ме гледаш. Чувствувам како трепките ти се лизгаат по моето тело. Ме галат. И од тоа ми се ежи кожата, иако не си ме ни допрел. Нема смисла ниту начинот на кој ти сјаат тие крупни очи секогаш кога се разминуваме низ толпата. Нема смисла ниту тоа што од стотици крупни, темни очи, јас само твоите ги забележувам.

Сè во врска со тебе нема смисла. Но нема поголема смисла од тебе. Од чувството на леснотија кое ми се буди некаде во стомакот кога само помислувам на тебе. Чувствувам дека и ти ме мислиш. Не, знам дека ме мислиш. Знам дека ме мислеше уште пред да ме сретнеш, оти и јас те мислев тебе. Од глава не можев да ти извадам, а не бев свесна дека таквите како тебе постојат. Мислев дека само замислувам. Дека само измислувам. И дека сјајот во очите на луѓето не може да трепери.

Сè во врска со тебе нема смисла. Но нема поголема смисла од тебе. Од помислите на тебе. Од оние помисли кои посакувам воопшто да не ми паднале на памет. Да не сум ги смислила. Да не сум ги напишала. Да не сум ги раскажела. Од она што знам дека си ми доволен ти. Само ти. И дека мојот црно-бел свет одеднаш станува вистинско шаренило од бои, мириси, копнежи и емоции. Станува толку проклето добар, што веќе не ми е гајле колку всушност суров e вистинскиот свет . И знам дека душава ќе ми трепери секогаш ќе те здогледам. И знам дека сум едно наивно, големо дете. Ама чувствувам дека растам со тебе. Растам додека ми приоѓаш. Растам кога ми се доближуваш. Растам кога здивот на мојот врат ти го чувствувам.

Сè во врска со тебе нема смисла. Но нема поголема смисла од тебе. Од тоа што не мора да правам ништо за ти се допаднам. Оти јас ти се допаѓам ваква каква што сум. Си ме одбрал одамна. Пред милениуми. Си ме одбрал уште пред јас да знам за себе. И затоа нема ништо поубаво од тебе. Од нас. Од секој кажан збор. Од секоја разменета насмевска. Од секоја солза исплакана на моето или на твоето рамено. Од секој допир. Од заедничката тишина. Нема поголема смисла од тоа да се лежи покрај тебе и да не се прави ништо. Ама баш ништо. Само да се гледа во таванот. Ете затоа сè што е во врска со тебе нема смисла. Но поголема смисла од тебе нема.

Лина Димоска

Напишете коментар