Skip to content

Душата на виното – Шарл Бодлер

Душата на виното пееше една вечер:
„Од стаклената зандана, под печатот црвен,
мојата песна кон тебе, о човеку, тече
преполна со блискост, братство и со блесок врвен!

Јас знам колку треба, врз некој рид, в летно пладне
под сонцето жешко луѓето маки да видат,
за јас да се родам и душа да ми се даде;
но нема неблагодарно и штетно да бидам

ако речам дека восхит во мене се раѓа
кога слегувам в грло на морен човек седнат,
и дека градите врели во кои што паѓам
ми се многу потопол гроб од визбата ледна.

Ги слушаш ли песните што на празник се гласат
и надежта што во мене со блик ќе се јави?
Со ракави засукани, налактен врз маса,
ти ќе бидеш задоволен и ти ќе ме славиш;

ќе сторам пак окото на жена ти да свети;
ќе направам образите на син ти да горат:
масло врз мускулите на силните атлети
ќе биде мојот сок за тој слабосилен борач.

Ќе паднам во тебе небаре пијалак редок
зрно што вечниот Сејач го фрла да никне,
за од наша љубов песна да се роди, чедо
што кон Бога небаре цвет чудесен ќе бликне!“

Препев: Влада Урошевиќ

Напишете коментар