Skip to content

Македонска цреша

Никој не очекуваше дека ќе се појавиш. Но, ти дојде. Седна до мене без да те видам. Зборував за таа тешка година кога се изгубив. За животот кој мислев дека ми е изгубен. Не знаев дека ќе го пронајдам во тебе таа вечер.

Сите ги прашував што правеле дoдека јас бев во туѓина.  Не го засакав градот на север. Се ми беше туѓо,  невистинито и ладно. Носталгија го потискаше мојот ум и чекав побрзо да се вратам.

Но, ти не веруваше дека јас сум носталгична.  Веруваше дека со тебе би одела на крај на светот и дека ќе заборавам на се. Навистина доволни ми беа твоите очи за да заминам со тебе далеку и да останам таму засекогаш.

Во нив ги имаше темните океани. Во нив ги имаше црешите кои презреале на југ, некаде далеку на некои далечни Канарски Острови. Зарем има таму цреши, се запрашав?

Ги поминавме сите песочни дуни и застанавме на еден срт. Го гледавме целиот свет. Вкусивме папаја, манго, личи. Беше толку егзотично и топло и носталгијата не се појави во мојот ум. Не го потисна, но го потисна моето срце. Крвареше без да знам дека крвари.

Сакав да вкусам македонски цреши.

„Ќе се вратам летово дома, да вкусам цреши“  – ти реков. Ти само милно ме погледна и не изусти ни збор.

Само ми рече- „Ако се вратиш, донеси едно стебло цреша да ја засадиме во дворот,  таа ќе биде твое прибежиште кога сонцето ќе почне да те пече и ќе ти треба ладовина“.

Го засадив стеблото, но ми требаа години за да ми стане прибежиште. Но, знам дека имам парче дом кога ќе ме фати носталгија за македонската цреша.

 

Напишете коментар