Skip to content

Ти посакувам бескрај – Јелена Ѓиноска

  • by

Ти ги дарувам моите последни љубовни атоми
До самиот бескрај
Од темниот чад те вадам, како мајка која го крева своето чедо после секој пад
Будно не предавајќи се на стравот од сите демони кои канџите ги свиле во твоето битие
Како прашина идат визии на нашата љубов
Не залудно ти велев дека нашата приказна ми е омилена низ сите времиња
Отпечаток оставајќи низ секоја ера
Минути преточени во години
Во вечна борба за белина
Бела како охридеите кога ги носев додека ти ме чекаше пред олтарот,
гледајќи ме како последна капка вода во самата Сахара
Впишана сум ти во твоите крв и коски
Еднаш ти реков дека оставив потпис негде длабоко во тебе, да ме извадиш – не ќе можеш
Да ме избледиш како да не сум живеела до последен здив за тебе – не ќе можеш
Како црн нарцис никнувам за да ти помогнам од болестите кои телото ти го впиле

Животот го чуствувам како повторно врие под твојата кожа
Бистрото студенило веќе го нема…
Жар црвено секаде е низ тебе и низ оваа соба
Во која вечно ќе царува љубовта
Во непрекината борба со новава Ера
Еднаш ти кажав ја сакам онаа љубов од минатото
Ја сакам таа едноставност и убавина
Го сакам ритамот на љубовта со која секој чекор се слуша далеку и остава трага
Го сакам постојаниот копнеж
Ја сакам страста , ох повеќе од сè
Ја сакам вистината во љубовта во која лагата не може да ѝ се протне

Љубомората и зависноста кои се само скромни посетители до прагот на вратата
Но никогаш внатре
Никогаш да не можат да ја обојат црвената соба во нивната зелена или црна боја ..
Го сакам животот…
Повторно и повторно..
Со тебе
Со нас

Јелена Ѓиноска

Напишете коментар